Неделниот напад со експлозивно средство во кој загинаа најмалку шест лица во фреквентната пешачка авенија Истикал во турската метропола Истанбул, веројатно го извршила жена, изјави вечерва вицепремиерот Фуат Октај.

„Според нашите процени, станува збор за терористички чин, во кој напаѓачот, за кој веруваме дека е жена, активирал бомба“, изјави за медиумите Октај но не прецизираше дали осомничената е меѓу жртвите.

Силната детонација во којашто според последните информации рането е 81 лица, од кои две се во тешка состојба, одекнала околу 16,030 часот по локално време, во време кога на познатата трговска авенија има многу домашни и странски туристи, како и цели истанбулски семејства кои излегуваат во попладневна прошетка.

„Ќе дојдеме до крајот, без разлика кој стои зад овие инциденти, дури и да замине на другиот крај на светот. Ќе ги изведеме пред правдата по секоја цена, Турција веќе не е некогашната Турција… Инцидентот во најкус рок ќе биде истражен“, порача Октај.

Малку подоцна телевизијата TRT Haber објави дека безбедносните сили започнале истрага против 25 корисници на социјалните мрежи кои објавиле провокативни постови по експлозијата.

Во директното обраќање преку телевизијата пред да отпатува за Индонезија, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган прв го осуди „кукавичкиот напад“, прецизирајќи дека првичните сознанија упатуваат дека „станува збор за тероризам“ во кој „веројатно е вмешана жена“.

Во првите моменти по експлозијата се појавија шпекулации дека станува збор за напад на бомбаш самоубиец, но досега нема потврди и докази за тоа. Засега, до раните вечерни часови, ниедна групација порано поврзана со терористички напади во Турција не ја презема одговорноста за експлозијата во Истанбул.

„Сторители на овој кукавички напад ќе бидат разобличени. Нашите сограѓани нека бидат сигурни дека виновниците ќе бидат казнети“, вети Ердоган кој со голема кампања на тероризам во земјата се соочуваше уште во 2015 и 2016 година.

Тогаш одговорноста ја преземаше ултрарадиканланата сунитска џихадистичка организација Исламска држава, а во нејзините напади загинаа речиси 500 луѓе а уште повеќе од 2.000 беа ранети.

Портпаролот и близок соработник на претседателот Ердогаб, Фахретин Алтун изјави дека „сите институции и организации во нашата држава водат брза, темелна и ефикасна истрага за инцидентот“.

По нападот во Турција е ограничен пристапот до социјалните мрежи, наведува мониторинг организацијата за рестрикциите на интернет Netblocks. Турскиот регулатор за медиуми RTUK воведе забрана за емитување снимки од експлозијата еден час откако таа се случи.

„Нашите мисли се со турскиот народ во овие тешки моменти“, реагираше претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Саудиска Арабија „најсилно ја осудува терористичката експлозија“ во центарот на Истанбул, соопшти блискоисточната монархија.

И министерството за надворешни работи на Грција, со која Турција има последните години многу тензични односи, „јасно го осудува тероризмот и изразува искрено сочувство на турската влада и народот“.