Ако за некого може да се рече дека е неизбежен инвентар на кичевскиот зелен пазар, тоа сигурно е Шазо Коџаџиклиоски. Повеќе од 50 години тој е присутен на пазарот и практично од мали нозе се дружи со потрошувачите од Кичево и од други градови од земјава.

Специјалност на Коџаџиклиоски е црвениот пипер за што тврди дека нема вистинска конкуренција во земјава.

-На кичевскиот зелен пазар сум присутен повеќе од 50 години. Уште како дете бев редовен и им помагав на моите најблиски. За кусо време сите наши потрошувачи ги научив, на кого што му треба. Но, најмногу од се купуваа црвен пипер. Самите велеа: „Манџите со пиперот на Шазо се најубави во градот“. Во зима и во лето, на студ или пеколни горештини, за мене немаше пречка да бидам присутен на зелениот пазар, вели секогаш расположениот Шазо.

Тој потсети дека кон крајот на минатиот век состојбите се промениле, а прометот опаднал.

-Интензитетот на работа беше многу голем до пред дваесетина години, кога почна голем дел од населението да заминува во странство што придонесе да се намали бројот на купувачи и секако и на нашите приходи, се присетува најредовниот кичевски тезгаџија, кој додека го служи здравјето ќе биде дел од кичевскиот зелен пазар и ќе ги служи своите сограѓани со најубавиот пипер во земјава.

-Иако сум на пазарот повеќе од 50 години, сепак и денес работам со истиот жар како пред половина век. Со ист елан ги служам моите муштерии и денес, а тоа и самите тие знаат да го ценат и да пазарат роба која во моментот не им е неопходна. Со појавата на брзата храна и промена на навиките на граѓаните, се намали потрошувачката на црвениот пипер, од кого ги остварувавме најголемите приходи. Желбата за работа не ме напушта и на пазарот ќе останам се додека тоа ми го дозволува здравјето, истакнува Шазо, најпознатиот кичевски пиперџија.

На неговата тезга, како вистински домаќин, Коџаџиклиоски секогаш кога пазарат, своите муштерии ги служи со тазе крушевски локум.