Неготинка се венча носејќи го бабиниот венчален фустан, стар 53 години. Се вика Славица Шишкова Махљијанова, има 26 години и уште малку ќе дипломира медицина. Со ваквиот гест, идната докторка предизвикува емоции и дава до знаење дека негувањето на семејните вредности е значајно нешто во животот на луѓето.

– Пред да кажам како дојдов до идејата за да го носам венчалниот фустан на баба ми, да кажам дека јас бев дете кое порасна со многу љубов. Да напоменам и дека сум многу поврзана со родителите на моите родители и општо со целата моја фамилија. Пораснав со нив и навистина многу работи имам научено од нив. Отсекогаш сум била посебно поврзана со мојата баба, со насмевка секогаш кажувам дека не за џабе го носам нејзиното име. Посебна конекција имаме ние две. Буквално, таа ми е потпора за сè во животот, посебно откако моите родители и сестра ми се преселија да живеат во странство. Тука е да ме советува за секоја ситуација со којашто се соочувам во животот, ја започна Славица својата животна приказна.

Со задоволство се сеќава на сите мигови поминати со својата баба низ годините.

– Додека бев мала постојано ни ја раскажуваше на нас внуците приказната за нејзиниот живот и животот на мојот дедо. Многу често јас, сестра ми и моите братучеди знаевме да отидеме кај нив и со часови да слушаме за тоа како се запознале, колку тежок живот имале, но како и покрај сите падови во животот, секогаш знаеле да застанат гордо, со крената глава и да продолжат да се борат чесно и достоинствено. Нè учеа дека мора да ги знаеме вистинските вредности во животот. Ни раскажуваа дека за среќа не е потребно многу. Дека среќата не доаѓа толку едноставно и еквивалентно со богатството. Таа се создава и извира од секојдневните мали нешта. Нè учеа и за љубовта. Дека заљубен човек е среќен човек и дека благодарение на големата љубов што ја чувствувале еден спрема друг, тие се во брак веќе 53 години, со многу љубов зборуваше таа за своите најблиски.

Фустанот не го менувам ниту за најскапата свила

Додека правеле планови за венчавката, нејзината баба ѝ раскажувала за тоа како претходно се правеле свадби, какви обичаи имало. Колку било тешко како женско да ја напуштиш родната куќа, посебно ако живееш во друг град, особено затоа што во тоа време немало телефони и слични средства за комуникација како денес.

– Ми кажа дека нејзината венчаница ја шиеле две шивачки од Неготино, кои во тоа време биле најдобри во нашиот град. Материјалот од којшто е направена е бела тантела и бела свилена постава со рачно извезени украси. Не се сеќаваше која е неговата цена, бидејќи фустанот ѝ е подарок од родителите на дедо ми како што бил обичајот, ама ми кажа дека е сигурна оти била пристојна цена за во тоа време. Додека ми го раскажуваше сето тоа, ја прашав само дали ја чува нејзината венчаница и ја замолив да ја видам. Кога ја видов, знаев дека е тоа вистинскиот фустан. Толку многу емоции ми пробуди таа венчаница. Сите приказни од детството, целиот нивни живот, нивната голема љубов, мојот татко и неговите двајца браќа, јас, сестра ми, моите братучеди. Целата таа хармонија во која сме пораснати. Сето тоа како да беше испишано на тој фустан. Воопшто не размислував. Само кажав дека тоа е фустанот што сакам да го носам на денот на мојата венчавка, децидна беше таа.

Реакцијата на бабата е посебна приказна.

– За реакцијата на баба ми можете да замислите. Не можеше да поверува. Во еден момент ми рече да размислам добро, затоа што во денешно време има многу поубави венчаници и можам да си купам фустан каков што ќе посакам. Само ѝ реков дека ниту еден фустан на овој свет нема да ме направи да се чувствувам толку посебно како нејзиниот. Дека таков фустан нема да најдам кај најпознатите светски дизајнери. Затоа што тој фустан носи еден куп убавини што не можат да се платат ни со најскапата свила на овој свет, емотивна беше мојата соговорничка.

Кога пријателството ќе прерасне во љубов

На моето прашање што ја натерало да го облече тој фустан, таа беше конкретна дека токму љубовта што досега ја чувствувала од своите баба и дедо, љубовта што тие ја негувале кон своите деца и внуци и воопшто кон животот сите овие изминати години, баш таа љубов, била пресудна во одлуката.

Кога им кажала на родителите и на сестра си за нејзината идеја биле пресреќни. Немало потреба од многу корекции на фустанот, бил како кроен за внуката.

– Моментот кога баба ми ме виде во нејзиниот фустан на денот на мојата венчавка беше бесценет. Никогаш нема да ја заборавам таа слика. Многу беше среќна, ме прегрна и ми ги посака сите благодати на овој свет. Ми посака да имам љубов како нејзината и на мојот дедо и ме советуваше дека во животот ќе имаме и убави и тешки моменти. Секогаш да си бидеме поддршка во секој момент и никогаш да не заборавиме дека сè додека има љубов во нашите срца, ќе имаме сила да се справиме со секој предизвик што ќе ни го приреди животот, раскажа Славица.

Во црквата влегла со својот татко.

– Тој ме предаде на мојот сопруг Дарко и ни даде благослов. Прекрасно беше чувството да чекориш со човекот кој ти го дал животот, човекот кој ме израсна во ова што сум денес, човекот кој ми е пример во животот, кон човекот кој е моја најголема љубов во животот, човекот кој го сакам со целото мое срце и човекот кој го одбрав за мој животен сопатник. Заедно со него ме чекаа и мајка ми и сестра ми, заедно со фамилијата на мојот сопруг и најблиските членови на фамилијата кои беа пресреќни. Денот беше навистина посебен и сите беа воодушевени од фустанот што го носев, дури некои и не веруваа дека фустанот е навистина од баба ми и е стар 53 години. Еве ги фотографиите направени од фото Бубо, но и фотографијата од пред повеќе од половина век, додаде идната докторка.

Со Дарко биле заедно од 2011 година.

– Се знаевме од многу мали, бидејќи нашите родители беа долгогодишни пријатели, па така од тоа пријателство се роди една голема љубов, која ќе трае засекогаш, проговори таа и за својот избраник.

Семејството на Славица го знам од многу одамна. Важат за добри и скромни луѓе, кои зрачат со позитивна енергија. Во разговор со нив дознав дека бабата редовно, уште како мала, за празници ја носела внуката со себе во црква или манастир.

– Колку ја чуваше баба Слава, толку ја чуваше и баба Фимка, другата баба. А кога ќе ја прашаа другите на шега, која баба ја сакаш повеќе, ќе кажеше и двете. Ама не може така, ќе ѝ речеа, една мораш да кажеш. Тогаш кажуваше, двете ги сакам, ама баба Слава малку повеќе. Па ќе се завртеше накај баба ѝ Фимка и викаше, бабо, не се лутиш, нели? А баба ѝ Фимка секогаш ѝ викаше, не се лутам, сине, никако, треба да си ја сакаш баба Слава, оти таа баба ти е во куќата, таа треба да е на прво место, раскажуваат нејзините.

Баба Слава ја научила да готви, да меси, да сука. Да биде човек.

Светлана Дарудова за МИА