Братислав ДИМИТРОВ
Што значи овој наслов? Ништо. Се правам интересен. Сакам да бидам писател. Не страдам од вишок скромност, ама никогаш не сум се претставил како таков. Веднаш пред очи ми излегуваат Достоевски, Џојс и Кафка. И многу ми станува незгодно. Добро, лажам. Малку ми е незгодно, ама и тоа е доволно. Од друга страна, пак, гледам како насекаде и секој прави разни трилогии и шиба накај собрани дела. Па што сум јас покусо од нив? Одма почнувам за да не се пишманам. И да не си умрам без биографија.
Зошто ги сакам старите добри времиња? Затоа што тогаш имав само еден расипан заб, редовно добивав (и праќав) разгледници и мислев дека мигрена е име на некоја холивудска секс-бомба! Ги сакам тие времиња затоа што тогаш имаше вистински лета. Под вистинско лето јас подразбирам најмалку три работи: секој да има дезодоранс за мишки, комунистички годишен одмор и чувство на гуштер оптегнат на морска карпа. Бескрајно дијамантско небо се подразбира, башка чешкање грб на места што не можеш да ги дофатиш.
Тогаш имаше еден древен ритуал, денес неправедно заборавен. Пред секој важен настан, а најчесто кога одевме да полагаме испит, нашите мајки зад нас фрлаа вода од леген. За да ни оди работата како вода. Еднаш мајка ми ме направи утоп, а јас на испитот успеав само да се исушам и да изгубам година. Некогаш и магијата не успева. Особено ако не загрееш столче, што во тоа време значеше цел ден да бубаш лекции. Кога се вратив дома, мама и тато ништо не ми кажаа. Ме пратија на летување. Тогаш тоа беше безусловна љубов. И денес ќе те пратат на летување, само за да не те гледаат. Никој не сака дома понављач, особено кого го спремале за доктор, инжињер или правник. За политичар никого не спремаат, сите одма се спремни. Тогаш постојано нè плашеа со истата реченица: „Ако не учиш, ќе те пратиме на занает!“ Денес сите мајстори сурово ни се одмаздуваат. Со право.
Сепак, најмногу ги сакам старите добри времиња поради еден класичен ритуал познат како „масовно прскање со вода“. Тоа значи дека ние уште пред многу зими сме сфатиле дека летото не служи само за кратки панталони, шишање жива ограда и гланцање на автомобилот цел божји ден. Само затоа што во моментот нема парламентарни избори или светско првенство во фудбал. Ете затоа сите учествувавме во оваа традиционална општонародна веселба, која според мојот скромен литерарен опис изгледаше вака:
Кога небесното индиго ќе ја испушти својата најтопла воздишка врз нашето маало, цицани хаљини ќе ги разбрануваат улиците пред нашите зажарени очи, уличните џукели ќе ги испружат јазиците по околните контејнери, првата гајба пиво ќе потоне на дното на Треска, а Благојче берберот, конечно, ќе го изрегулира вентилаторот на тројка, нема никакво сомневање. Лето е. Топло и миризливо. Како штотуку испечено колаче со ванила и прах шеќер.
Ги влечкаш апостолките накај дома и патем си свиркаш некое актуелно хитче, а тоа во вакви прилики обавезно е „Ин д самар тајм, вен д ведер из фајн…“ И додека ти пичиш по најкраткиот пат од кино „Карпош“ до домашните ќофтиња со пире и оранжада, нешто ладно и мокро ти паѓа врз тимбата со пратеќи вокали на кикотење! Ете така почнува. Со првото лонче вода. Го баталуваш ручекот, брзо полниш некој сад со вода и го бркаш копиљот сѐ додека не го накиснеш до гола кожа.
Најголемиот уметнички перформанс „прскање со вода“ се случи на 24 житар (август) 1968 година во Тафталиџе, точно на пладне. Во дворот под црешата седи Цанко Курбла, густира бела кафа и студиозно прелистува еден од двата единствени весници во тоа време. Од гранката над неговото збрчкано чело една „штиглица“ му ја ремети тешко стекнатата концентрација во која тој едвај некако успеал да искамчи мала предност во интерконтиненталните ракети за Русите на штета на Американците.
Од соседниот двор (додека боцка арпаџик) Цоци ја гасне својата жед за сознанија од светската политика прашувајќи: „Како стоиме, Цанко?“ Цанко со аналитичен израз флегматично му дофрла: „Уште три ракети плус и ќе можеме комотно да си ја пееме ‘Америка и Енглеска биќе земља пролетерска!’ Лето е. Цоци му приоѓа, му ја потподига јаката на кошулата и му истура на вратот едно бокалче студена вода! Срипува Цанко како попарен и жив се дере: „Жено, бргу кофата!“ Кога Цанко ќе ја изрече оваа клучна реплика, тогаш прскањето со вода добива димензии на граѓанска војна.
Цанко има двајца браќа и три сестри. Сите истрчуваат со своите роднини до трето колено и почнуваат да полнат тенџериња, кофи, корита… Се трча и се бега на сите страни! Се слуша довикување, врискање и урлање. На крајот доживуваме катарза и веќе никој од никого не бега. Сите стоиме на улица и се смееме, се кикотиме, се грголиме, се клештиме и се церекаме, додека врз главите самите си ја истураме водата. После кротки како бајчиња дремеме во сенките на нашите дворови, додека во рерните се печат првите тиквички, бамји, модри патлиџани и големи планови.
Никој пред тоа и никој по тоа не успеал да смисли подобра и поефикасна групна терапија од нашата летна игра. А денес? Каде, кого и со што да прскаме?
Ритуалот одамна го нема. А и вода сè помалку има.
МИА




