Шефот за надворешна политика на ЕУ го повика денеска блокот да ја засили својата поддршка за Украина, бидејќи Унгарија се заканува на самитот оваа недела дека ќе стави вето на поголема поддршка за таа држава разурната од војна.

Стравувањата дека европската поддршка за Украина би можела да биде исфрлена од шините растат во исто време кога поддршката на клучниот сојузник на Киев, САД беше ставена во сомнеж поради противењето на републиканците во американскиот Конгрес.

„Се надевам дека европското единство нема да биде скршено, бидејќи ова не е моментот да ја ослабнеме нашата поддршка за Украина“, рече Жозеп Борел, пред состанокот на министрите за надворешни работи на блокот.

Лидерите од Европската унија в четврток ќе одржат состанок на кој унгарскиот премиер Виктор Орбансе заканува дека ќе ја блокира помошта од милијарди долари и ќе ги одложи преговорите за членство во ЕУ за Киев.

Финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен ја нарече позицијата на Унгарија „многу, многу неприфатлива“.

„Клучно е да продолжиме да и помагаме на Украина онолку долго колку што е потребно, и тоа не е само за каузата на Украина, туку и за нашата сопствена кауза“, рече таа.

Европските дипломати веруваат дека Орбан ја запира поддршката за Украина за да изврши притисок врз Брисел да ослободи милијарди евра поддршка од ЕУ за Будимпешта, замрзнати поради спорот за владеење на правото.

„Ова не треба да биде игра на пазарење, но се разбира, во оваа ситуација, треба да ги најдеме сите можни канали кои можат да помогнат во изнаоѓањето заклучок“, рече Валтонен.

Латвискиот министер за надворешни работи Крисјанис Каринс рече дека позицијата на Унгарија е „предизвик“.

„Во Европа, се соочивме со многу предизвици, внатрешни предизвици во минатото, и секојпат и ги надминувавме“, рече тој.

На самитот оваа недела, ЕУ гледа на договори за давање на Украина 50 милијарди евра финансиска помош, дополнување на фондот за оружје за Киев за пет милијарди евра и отворање разговори за пристап во блокот следната година.