Над 90 отсто од лицата, кои со Ковид-19 се примаат во болниците и на Одделите за интензивна нега се невакцинирани, истакна претседателката на националната комисија за вакцинација Мариа Теодориду на денешната редовна прес конференција за процесот на имунизација во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Теодориду додаде дека кај дел од граѓаните над 60 години, се констатира незаинтересираност за вакцинација.

Според податоците што попладнево ги соопшти генералниот секретар во Министерството за здравство на Грција Мариос Темистоклеус, од почетокот на вакцинацијата во земјата, аплицирани се 6.225.000 дози.

– Денеска ја надминавме бројката од четири милиони граѓани кои се вакцинирани со една доза, односно 38,1 отсто, а 2.350.000 наши сограѓани целосно завршија со вакцинацијата, што е 22,4 проценти, објасни Темистоклеус.

Во однос на старосните групи, 71 отсто од граѓаните над 60 години се вакцинирани со најмалку една доза, а заедно со закажаните термини, достигнува до 74,3 проценти.