Дејан ТРАЈКОВСКИ

Гледам, читам, тријам очи, не ми се верува, пак читам… Нема сомневање, стапката на болнички леталитет од ковид-19 во македонските болници изнесува 43,45%.

Ќе користиме исклучиво официјални податоци од ИЈЗ Скопје (http://iph.mk/…/2021/07/info-COVID-19-do-18.07.2021-1.pdf), според кои од почетокот на епидемијата до 18.07.2021. година во македонските болници влегле вкупно 11.851 лица за лекување од ковид-19. Од овој број на хоспитализирани испишани се како оздравени 6.669 лица, починале во болнички услови 5.150 лица, а моментално има активно хоспитализирани 32 лица.

Според тоа, од сите коишто влегле во болниците починале 5.150 / 11.851 = 43,45%, колку што изнесува стапката на болнички леталитет од ковид-19 во македонските болници.

Со други зборови, умреле безмалку половина од хоспитализираните.
Да се потсетиме, целосно вакцинирано лице го намалува ризикот од хоспитализација за најмалку 90%, колку што изнесува ефективноста на разните видови вакцини против тешка форма на болеста и хоспитализација. Затоа, секој што има реален поглед на епидемијата од ковид-19, сериозно ја сфаќа вакцинацијата. На тие што ќе избегнат хоспитализација не се применува стапката на болнички леталитет од 43,45%, туку стапката 0,22% (337 / 150.223 = 0,22%). Оваа стапка е многу блиску до стапката на леталитет од ковид-19 во Велика Британија, откако вакцинирале голем дел од населението годинава (пресметката ја видовме вчера).

Ги молам антиваксерите да не ја сфаќаат оваа пресметка како убедување за вакцинација и да се воздржат од злонамерни коментари бидејќи истите веднаш ќе ги бришам.

(објава на ФБ профилот на Трајковски)