Економијата тоне, а Заев и Ангеловска наместо развоен буџет, вчера стокмија популистички буџет, кој е насочен на непродуктивни трошења и предизборна корупција, реагира денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
– Само според Заев и Ангеловска блескаме. Реалноста е сосема поинаква. Бројот на СДИ, никогаш не бил понизок. СДИ бележат огромен пад, имено во период јануари – јуни оваа во однос на ланската година имаме пад од 84.2% и тоа кога во земјите од регионот имаме рекордни инвестициски циклуси, се вели во реакцијата.
Катастрофална е ситуацијата и во економијата, се додава во соопштението.
– Бројот на работници во индустријата во јули оваа година во однос на јули лани е паднат за 2.5%, односно на секој 100.000 работници, сега имаме 2.500 помалку. Лоша е ситуацијата и во градежништвото. Како и во нивото на реализација на капитални инвестиции, чија бројка за првите 7 месеци е очајни 24.5%. Зоран Заев и Нина Ангеловска не нудат мерки за решавање на овие проблеми, туку ги продлабочуваат. Затоа и се потребни итни предвремени парламентарни избори, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.