Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 9 септември. Денеска е Св. Јоаким и Ана.
Денешниот празник е органски поврзан со празникот од претходниот ден, со празникот на раѓањето на Богородица. Како и по сите поголеми празници, и по овој празник се празнува споменот на непосредните учесници во настанот што ја сочинува содржината на вчерашниот празник. Тоа е споменот на светите Јоаким и Ана.
Таткото на Јоаким се викаше Варпафир и беше родум од Јудиното племе, а потомок на царот Давид, а Ана беше ќерка на свештеникот Матан, од Левиевото колено. Тие ја добија ќерка си Марија на стари години, после 50 години брак и по нивните долги и топли молитви. Инаку, самите доживеаја длабока старост свети Јоаким се упокои на 80, а света Ана на 79 години.
Според Католичкиот календар денеска е Св. Тома од Виланова.
Роден е во 1486 година во Фуенлано, во Шпанија. Неговиот татко бил мелничар. Кога умрел неговиот татко, тој го продал имотот и парите им ги поделил на сиромашните луѓе. На 26-годишна возраст бил професор по филозофија и теологија. Во 1518 година станал свештеник, а во 1544 година поради неговата ученост бил назначен за надбискуп на Валенсија. Бил познат како проповедник, а народните маси барале од него да ги каже неговите размислувања за Господ и вечниот живот. Свети Тома умрел во 1555 година.