Во секој дел на Грција расте отпорот против договорот за името на Македонија, а протести имаше во повеќе градови и денес, објави „То вима“.
За денес во 20 часот е закажан протест пред споменикот на Александар Македонски во Солун, на кој се очекува да се обратат и актери кои ќе зборуваат за „македонскиот хеленизам“. Претходно два протеста почнаа во Ираклион и Ханија.
Утре, пак, во 19.30 часот „се крева Вергина“, се најавува во медиумите. Местото е избрано затоа што во Вергина (Кутлеш) е откриена гробница за која се смета дека била на македонскиот крал Филип, и таткото на Александар Трети, односно, како што порачуваат организаторите на протестот преку социјалните медиуми „да искажаме јасна порака за македонскиот хеленизам“.
Во среда ќе има и протести во Трикала.
И додека се повеќе се шират протестите, едно истражување на КАПА, објавено денеска, а спроведено врз 9.800 лица, покажало дека 58 отсто од анкетираните имаат негативен став за договорот меѓу Заев и Ципрас, додека 30 проценти искажале позитивен став. Идентични 58 проценти сметаат дека за договорот ќе има 151 глас во парламентот, додека 31 отсто сметаат дека тој нема да биде изгласан.
Но, интересен е и индикативен податокот што дури 56 отсто сметаат дека Нова демократија ако дојде на власт ќе го почитува договорот. Таква беше и изјавата на врвот на партијата од каде беше порачано дека ако договорот биде ратификуван тие ќе го почитуваат. Всушност станува се појасно дека Грците фингираат и протести и анкети за да се покаже колку тие се незадоволни од договорот, колку е тој лош за нив, што, кога ќе се стави во пропагандна обланда, како и изјавата на Каменос дека ќе сме добиеле 30 милијарди евра, треба да не убеди дека договорот не е добар, туку е совршен за нас.
Инаку, за споредба, во исто време анкетата е правена и за договорот со Еврогрупата за долгот, и за него негативно се изјасниле 46 отсто од испитаниците.