Лидерот на Сојузот на Ромите, Амди Бајрам ја брише приказната за „Зајакот и морковот“, а лидерот на ДПА, Мендух Тачи ги брише „смс“ пораките од Зоран Заев, па сега и двајцата влегуваат во владината коалиција. Потсетуваме, пред последните избори Бајрам со морков го исмеваше Заев, а Тачи упорно одбиваше да му одговори на лидерот на СДСМ на Заевите молезливи пораки за средба со лидерот на ДПА.
Заев денеска објави дека Сојузот на Ромите станува дел од владината коалиција, предводена од СДСМ. Тој рече дека партијата на Бајрам нема да добие министерско место, туку место во подолните ешалони на власта. Заев не сакаше да открие која партија кое министерско место ќе го преземе.
– Досега имаме постигнато договор со Беса на Африм Гаши, со ДПА и со Сојузот на Ромите, кој што делуваше независно, но ги поддржуваше политиките на власта. Продолжувам и понатаму да разговарам и со други субјекти. Не би спомнувал имиња затоа што треба органите и телата на партиите да одлучуваат. Штом тоа ќе биде готово ќе биде соопштено од самите партии кои ги номинираат кандидатите, рече Заев.
Тој очекува најдоцна до крајот на неделата да ги формализира и предлозите да ги испрати до Собрание. Исто така, Заев очекува при крајот на месецот со новиот владин состав да се разговара и за подолните ешалони односно за директорските места.
На прашање од новинарите дали има доверба во Мендух Тачи, кој во „бомбите“ се колнел дека ќе „биде верен до гроб на ВМРО-ДПМНЕ“, Заев рече дека довербата е релативна работа.
– Тачи нема да биде член на Владата- одговори Заев.
Тој не сакаше да открие кои министри на СДСМ ќе бидат сменети.
– Не би сакал да соопштам затоа што процесот на одлучување сè уште во тек. Штом ќе бидат познати имињата веднаш ќе ги споделам со јавноста- рече Заев.