Владата не прави реформи, не сака да прави и нема план за правење реформи. Немањето реформи и назадувањето на државата го нотираат и ЕК и Светска банка во последниот извештај, а тоа се гледа и во реализациата на странските директни инвестиции и капиталните расходи.

Ова го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прес-конференција денеска на која најави дека доаѓа обнова на Македонија со стратегија за економски бум.

– Имаме конректни позиции и сериозни капитални проекти на светски реномирани компании. Економскиот бум што ќе го донесе новата влада ќе се почувствува во првите 100 дена од нејзиното формирање, рече Мицкоски.

Според Мицкоски, оваа влада не прави реформи, не сака да прави и нема план за правење реформи. Тоа, рече, е факт што од ден на ден станува се поочигледен. Тоа се факти што ја сочинуваат голата реалност, а фактот дека нема реформи го истакна и ЕК и Светската банка, го покажуваат и редица други параметри, кажа Мицкоски.

Извештајот Дуинг бизнис на СБ, според него потврдува дека годината што според Заев требаше да биде економска, се претвори во економско цунами, односно економско фијаско.

-Нашата држава назадуваше седум места и во сите области што се мерат. Македонија бележи назадување. Светска банка потврдува дека нема реформи, не се подобруваат состојбите во економијата, не се олеснуваат процедурите. Светска банка истакнува дека наместо напред одиме назад. Во најновиот извештај во 2020 година имаме пад од седум места и сме рангирани на 17-то место, рече Мицкоски.

Тој потенцира дека во сите индикатори во извештајот има назадување во годината во која како што рече, требаше да биде економска година.

Според него, загрижувачки е што овие показатели имаат негативно влијание и во поглед на странските директни инвестиции во земјава, кои, како што посочи, се 48 милиони евра.

-Ако споредиме со останатите земји од регионот. Соседна Бугарија има 341 милион евра, Чешка 576, Унгарија 1,1 милијарда евра. Ние имаме 48 милиони евра. Црна Гора 227 милиони евра, Словенија 569, соседна Србија 1,4 милијарда евра. Тоа е отприлика она блескање, односно неколкукратното зголемување на истранските директни инвестиции како резултат на дуото Заев-Анѓушев, истакна Мицкоски.

Оцени дека покрај катастрофална состојбата со странсиките директни инвестиции, катастрофална е и реализацијата на капиталните инвестиции во земјава.

– Реализацијата на капиталните инвестиции според последниот извештај заклучно со септември 2019, а споредено со Буџетот што е планиран на почеток на оваа година во бројка е 8,5 милијарди денари или тоа е 32,3 отсто од она што е планирано на почетокот на годината. Доколку бројката се спореди со ребалансот тогаш е таа нешто поголема и изнесува 37,63 проценти, рече Мицкоски, додавајќи дека таа е нешто поголема поради, како што оцени, неспособноста на владата и скратените 50 милиони евра за капитални инвестиции да бидат вратени во останати тековни трошоци кои служат наместо за развој за поткуп.

И во однос на приходите и расходите во Буџетот рече дека заклучно со септември 2019 година тие се на ниво од 70 отсто од планираното и расходите на ниво од 68 отсто од она што било планирано.

-Државата ги собира парите од граѓаните, наместо да ги троши за капитални расходи и да ја развива државата тие ги користат за разни трансфери, и поткупи да обезбедат гласови за следните избори, вели Мицкоски.

Тој запраша како може да се каже дека Македонија блеска кога нема реформи, кога нема капитални инвестиции, нема напредок, во земја во која има владата која нема концепт, не се дава слобода и простор на бизнисите и фирмите да одат напред, економската заедница се гуши, не и се исполнуваат барањата и сето ова надоврзано со корупција и функциониери кои рекетираат. Тоа, додаде, е нешто што мора да го промени и да си признаеме дека вака не оди и нема да биде подобро, бидејќи искуството тоа го докажува.