Министерот Оливер Спасовски изјави дека одговорноста за бегството на Игор Спасов, полицаецот кој го уби Мартин Нешковски треба да се бара во обвинителството и судството и дека спрегата во тој систем можеби, како што рече, е корумпурана.

Според Спасовски, клучен треба да биде одговорот од обвинителот и судијата врз основа на кои проценки е дозволено да му се направи прекин со судска одлука на издржувањето на казна затвор, додека се уште се истражува каде и на кој начин ја напуштил Македонија.

Спасовски истакна оти многу поважно е да се види и конечно да се реши проблемот на нефункционалност на системот, бидејќи за таквите прекини на издржувањето на казната затвор се известуваат Агенцијата за извршување санкции и Казнено – поправните установи, додека како што вели тој, МВР не добива такви информации.

– Сите разговараме за тоа како сега ќе го решиме проблемот откако тој ја напуштил државата. Прашањето е клучно и за тоа мора да се сноси одговорност, мора да одговори и обвинителот и судијата врз основа на кои проценки е дозволено да му се направи прекин со судска одлука на издржувањето на казна затвор. Ние дознаваме во моментот кога тие бараат да го пронајдеме.Тоа покажува колку овој систем е нефункционален, па би рекол можеби и корумпиран, затоа што јас незнам од кој аспект се цени одлуката и тоа како предлог што се дава одредена личност да биде пуштена на прекин на казна, рече Спасовски.

Тој изјави дека не може еден ден МВР да апси, а „другиот ден да ги видиме на слобода, заради тоа што некој судија или обвинител така одлучил“.

– Разбирам дека притворот не смее да биде казна, разбирам дека постојат низа мерки на индиции кои може да се изрекуваат, меѓутоа мора да биде во остварувањето на интересот на државата и на граѓаните. За вакви случаи Јавниот обвинител треба да подигне истрага против некој судија и против некој обвинител и да се докаже што е поврзаност во однос на ваквите случаи. Дали има врска помеѓу оној што е осуден, помеѓу лекарите кои тоа го прават, дали има врска помеѓу обвинителот и судијата итн… Конечно ваквите работи мора да се расчистуваат ако сакаме навистина да имаме држава што ќе ги остварува првичните интереси, а тоа е да имаме правда во државата, рече Спасовски.