Ќе се цитирам од пред извесен период: Кога сакаат, каде сакаат, на било кој медиум, во било кое време, било кој преставник на опозицијата, па дури и 10 души да дојдат, јас сум спремен да се соочиме и дебатираме за продажбата на Градската куќа, објави вечерва градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Тој отворено повикува на вербален двобој и со 10 души што ги надминува рамките на двобој и станува своевиден десеттобој!
– Еве, повелете драги опозиционери. И да додадам: ќе зборуваме и за многу ваши политики во изминативе 27 години во Скопје. Значи, повелете и одберете. Секое време, секое место, објави Шилегов на Фејсбук.
Како што веќе објавивме, Шилегов ја продаде Градска куќа на ЕВН Македонија. Тоа беше нов објект кој го изгради претходната градска власт на Скопје.
Образложението на Шилегов за продажбата беше дека немало доволно простор за неговата администрација, а денеска поранешниот градоначалник Коце Трајановски објави дека според проектот зградата е предвидена за 620 вработени или за 50 отсто повеќе од бројот на вработени колку што имало во градската администрација во октомври 2017 година.