Белите дробови имаат речиси „волшебна“ способност да ги поправат канцерогените мутации предизвикани од пушењето, но само ако престанете да пушите, велат научниците.
До сега, се сметаше дека мутациите што доведуваат до карцином на белите дробови се постојани и остануваат дури и ако се откажете од пушењето.
Но, изненадувачкото откритие објавено во списанието „Природа“, покажува дека оние неколку клетки кои ја избегнуваат штетата, можат да ги „поправат“ белите дробови.
Тој ефект е забележан и кај пациенти кои пушеле кутија цигари дневно 40 години пред да престанат да пушат. Илјадници хемикалии од чадот од цигари предизвикуваат промени на структурата на ДНК во клетките на белите дробови, полека ги трансформираат од здрави во канцерогени клетки. Студијата откри дека тоа се случува во големи размери во белите дробови на пушачите, дури и пред да развијат карцином.
Огромното мнозинство на клетки земени од дишните патишта на пушачи биле мутирани од тутунот, а клетките содржеле до 10,000 промени.
„Тие можат да се сметаат за минијатурни темпирани бомби кои чекаат на следниот удар кој ќе ги поттикне на обликување карцином“, вели д-р Кејт Говерс, една од научниците на UCL.
Но, мал дел од клетките остануваат недопрени. Не е јасно како тие го избегнуваат генетското уништување предизвикано од пушењето, но научниците велат дека изгледа опстануваат во некој свој бункер. Откако некое лице ќе престане да пуши, овие клетки растат и ги заменуваат оштетените клетки на белите дробови. Кај луѓето кои престанале да пушат до 40 проценти од нивните клетки, личат на луѓе кои никогаш не пушеле.
„Бевме целосно неподготвени за такво откритие. Постојат клетки кои магично ја обновуваат поставата на дишните патишта“, вели д-р Питер Камбел од Институтот „Сангер“.
Научниците допрва треба да утврдат колкав дел од белите дробови се опоравува.
„Една од неверојатните работи беа пациентите кои престанале да пушат дури и по 40 години пушење, а на кои им се обновиле ќелиите кои биле под влијание на ефектите од тутунот. Студијата се фокусираше на главните дишни патишта отколку на малите алвеоли преку кои кислородот се пренесува од воздухот во белите дробови. Околу три четвртини од случаите на рак на белите дробови се предизвикани од пушење“, додаде Камбел.
Претходните студии покажаа дека ризикот од карцином на белите дробови се намалува речиси од денот кога луѓето престануваат да пушат, а се претпоставуваше дека со прекинот на пушење, се прекинува мутацијата предизвикана од пушењето.