(Русалии – древен обичај во Јужна Македонија)
Од прв ден Божик (Рождество Христово) до Водици (Богојавление), цели дванаесет дни, во кои како што ги нарекуваат Погани дни, жените нито перат, нито се капат ниту децата си ги капат, се собираат од селата дури и од самиот Кукуш дружини под името Русалии и шетаат од куќа во куќа и од село во село како што ќе се рече подолу играјќи русалиски игри и собираат пари или какви било други подароци за во полза на некоја црква, обично новоизградена, на следниов начин:
Состав на русалиските дружини
1. Секоја русалиска дружина се состои од 20-30 мина момчиња или мажи од 20 – 40 годишна возраст, секоја чифт или поточно да се каже од 10 – 30 парови кои се неразделни еден од друг како двете раце или двете нозе на исто тело.
2. Целата дружина составува еден синџир или еден танец (оро, лик).
3. Секоја дружина води со себе и два пара свирачи, т.н. двајца мехтери (тапанари) со тапаните и двајца зурлаџии.
4. Дружината ја предводи еден прв или водечки пар од кои едниот се вика Прот или Балтаџија, а другиот Кесеџија. По нив оди вториот пар од кој започнува орото и првиот од двајцата се вика јузбашија.
5. Освен првиот и вториот пар или куманданти парови, секоја дружина има и трет пар, чауши кои одат од страна но паралелно со танецот, едниот понапред и другиот поназад.
6. Секоја дружина ја следат 2-4 слуги за чии должности ќе се каже подолу.
7. Освен изброените чиновници и слуги дружините имаат и предвесници – посматрачи, наречени калаузи, за чии обврски исто така ќе се каже на потребното место.
Облекло и оружје
1.Членовите на русалиските дружини мажи или момчиња се облечени во нова велигденска облека одгоре, а на градите имаат две прекрстени црвени (алени) шамии накитени со низи пари итн.
2. За оружје носат: водачот на дружината или балтаџијата како што го викаат, носи секира во десната рака, а сите други членови носат голи мечеви исправени со врвовите нагоре, исто така како што ги држат војничките офицери, кога стојат на смотра или кога врви војската на марш.
Закони и обреди на Русалиите
На прв ден Божик тие што ја составуваат русалиската дружина по настојување на селскиот црковен старешина и по водство на идниот главатар се собираат најпрвин во домот на црковниот старешина и оттаму тргнуваат да играат.
Во истото место Македонија има и други обичаи, обичаи во борење, натскокување, камен фрлање и трки со коњи. Но бидејќи тој обичај го практикуваат и другите народности особено Турците, а во старо време и кај Елините не можам да речам дека е чисто словенски обичај како претходниот.
2. Пред да се соберат за тргнување секој дома ќе се прости со домашните и со сите роднини со прегрнување и бакнежи како да тргнува на отворена војна од каде не се знае дали ќе се врати жив и здрав. Зашто како што ќе се каже понатаму многумина русалии не се враќале дома живи, ниту пак умрени, бидејќи влегувале во борби со други исти такви дружини и се погребувале на местото на борбата.
3. Откако ќе тргнат за играње дури да завршат игрите и да се вратат во домовите т.е. дванаесет дена до кога постои дружината има строги правила како што се следниве:
а) Да не проговори никој со другарот ниту пак некој од другите, кој и да бил тој, со еден збор должни се на безусловно молчење.
Заб. 1. Двајцата главатари – водачи, балтаџијата и кесеџијата како и двајцата чауши се исклучуваат од тие обврски и според потребите можат да говорат.
Заб. 2. Вечерта кога ноќеваат дозволено им е да разговараат, секој со другарот, но само сосема малу и многу тихо.
б) да не се крсти (да не става на себе крст), никој ниту да се моли (да благословува) кога јаде или пие вино или кога да си легне да спие, или кога ќе тргнат на пат и играње во никоја дружина додека трае дружината, т.е. цели 12 дена.
в) да не рече некој некому: Здрав ми си, (на здравје, кога се пие), ни На здравје по пиењето.
г) да не поздрави некој некого со Добро утро или Добро вечер, или седете со здравје, влегувајќи во некој дом или излегувајќи од него, ниту по пат, кога ќе сретнат некого да си доаѓа од туѓина, макар близок роднина, макар колку долго да не го виделе, никому и по никаков начин не се дозволува да се поздравува со Добре дошол, или со било каков друг поздрав.
4. Во време на играњето, одејќи и скокајќи еден по друг, треба секој да стапнува токму и точно на местото каде што стапнал претходниот му другар, секој од својот пар.
5. Помеѓу членовите на дружината, кои макар и да не се држат рака за рака обично составуваат еден танец или инаку кога играат или патуваат никому не му е дозволено да помине или да се провре, па да го раздели орото, освен на болни кои влегуваат во средината на орото и стојат додека трае една игра и тоа со надеж да добијат здравје кое се добивало со прекрстувањето на мечевите на неговото чело, тоа го прават тие по завршувањето на играта.
6. Минувајќи од едно место на друго никогаш не газат вода. Ако сретнат вода, ако таа е мала, ја прескокнуваат, ако е поголема и не можат да ја прескочат се превезуваат со коли.
7. Рековме дека членовите на секој пар се неразделни. Во случај ако на еден од нив му се јави потреба да остане поназад од дружината, за да се напие вода или за други потреби другарот не го остава сам туку го придружува додека ја заврши потребата било каква да е таа, стоејќи до него и мавтајќи со голиот меч над неговата глава за цело време за да го чува од некоја лошотија или од некоја опасност.
8. Кога некоја русалиска дружина ќе кондиса во некое село за да преноќува во него членовите се делат во толку куќи колку парови има дружината и во секоја куќа отседнуваат најмалку по еден пар, кои се смеетаат како неразделна личност или по нужда по два пара.
9. Главатарот на дружината со својот другар кесеџијата како неразделен пар кондисуваат во еден дом кој треба да е најширок од секоја друга куќа во селото, зашто таму ќе се соберат сите селани на сеир кога по вечерата и доаѓа целата дружина да поигра. Во истата куќа кај главатарот кондисуваат и парот свирачи.
10. Ако се случи некоја вечер да ноќеваат во истото село одкаде што е целата чета или само некој од членовите во тој случај никому не му е дозволено да ноќева во својот дом или да ноќева кај своите. Секој може да си ја види куќата или своите одвај по завршувањето на целиот обичај – минувањето на 12-те погани или русалиски денови. Секој ќе ноќува тамо каде што му е одредено за ноќевање. Строга воена дисциплина се применува во дружината.
11. Кога една дружина ќе дојде во некое село да ноќева селаните од тоа село ја пречекуваат со внимание и и даваат одлични почести – ја хранат, ја појат и се однесуваат кон русалиите како кон високи гости, како со царски деца.
12. Пред да дојде во некое село дружина најпрвин пристигнуваат претходниците , калаузите и за да ги известат селаните за доаѓањето на ете која си дружина за да се подготват за пристојно пресретнување.
Ако се случи во тоа село порано да дошла друга некоја дружина тогаш следната не влегува во селото, а откако ќе биде известена од калаузите го заминува селото и оди во друго.
Кузман Шапкарев, Русалии, Пловдив 1884 г. (Подготви Марко Китевски)