Претседателот на Владата на Унгарија Виктор Орбан до кабинетот на Зоран Заев упатил писмо со честитки по повод договорот за македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство меѓу двете земји.
Како што се наведува во соопштението од кабинетот на Владата, во писмото, кое премиерот на Унгарија Орбан го потпишува и во име на Вишеградската четворка, тој го поздравува решението што двете земји, Република Македонија и Република Грција, го постигнаа во врска со прашањето за името.
Премиерот Орбан, се посочува, исто така, истакнува дека „унгарската Влада постојано, преку сите форуми се залага за забрзување на евроатлантската интеграција на целиот регион на Западен Балкан, така и за Република Македонија“, и додава дека Унгарија го поддржа усвојувањето на резолуцијата на ЕУ со која се овозможува започнување на преговорите за членство на Република Македонија во ЕУ.
Во писмото испратено до Заев, премиерот Орбан нагласува дека Унгарија ја поддржува и поканата за членство што нашата земја ја доби од НАТО на 11 јули, се додава во соопштението.