На дневен ред на седницата на Советот на Општина Битола од пред некој ден беше и извештајот од спроведената ревизија во ЈКП Нискоградба, кој што ги демантираше инсинуациите за криминал, поради кои позицијата предводена од СДСМ и пред неколку месеци и денес го гласаше против. „Во моментов Битола има еден проблем и се вика Наташа Петровска. Јавните претпријатија се во целосна парализа. Лагите и манипулациите се одлика на владеењето на новата локална власт“ – рече советникот на ВМРО ДПМНЕ Иванчо Тошевски.
Борче Димитровски, исто така, советник од редовите на ВМРО ДПМНЕ обвини:
„Како што започнаа од првиот ден со алиби и ноторни лаги, така и продолжуваат. Во месец ноември градоначалникот Петровска помпезно објави дека Општината е задолжена со над 12 милиони евра, само неколку месеци подоцна, истата градоначалничка поднесе завршна сметка на општина Битола каде стои дека општина Битола има побарувања во висина од 5 милиони евра и долг од 3 милиони евра. Потоа во месец јануари советниците од мнозинството и градоначалничката кажаа дека нема да има поскапување на цените на водата, за минатиот месец да ги зголемат цените кои граѓаните ќе ги плаќаат од свој џеб. За сега да ја имаме на дневен ред завршната сметка на КЈП Нискоградба, која не беше изгласана во месец март со аргумент дека ревизијата ќе утврди бројни неправилности. Таа ревизија не утврдува никакви неправилности, а проектираната загуба од 32.000.000,00 денари со одлука на Советот ќе се пребие со акумулирана добивка во висина од 48.000.000,00 денари.“
Димитровски потоа и постави едноставно прашање на Петровска:
„Ја прашувам градоначалничката Петровска која е математичар, дали е 32 милиони повеќе или помалку од 48 милиони денари. Од денес не сте само алиби политичари, туку и луѓе кои си го следат својот премиер Заев, кој освен да го лаже својот народ не знае ништо друго! Лагата станува основна одлика на начинот на кој ја практикувате власта и во државата и овде во Битола, рече Анита Ангелевска од ВМРО ДПМНЕ:
„Кога дојдовте на власт ви наредија да негирате се што било досега направено, да барате неправилности, да измислувате долгови и вие тоа буквално го сфативте. Прво градоначалничката, не само јавно заради пи-ар, излажа за големината на наводниот долг на општината. потоа почнавте да лажете за се со ред, за сите јавни претпријатија одејќи до таму во вашата слепа послушност на лажговците кои ве раководат од Скопје, што без никаков аргумент и основаност ги отфрлавте еден по еден годишните извештаи и завршните сметки на јавните претпријатија. И не само што не помисливте дека на тој начин го рушите рејтингот и бонитетот на Општината при идни аплицирања за меѓународни проекти и грантови, туку и дека аргументите и фактите кога тогаш ќе ве демантираат. Ова е ревизорскиот извешетај за ЈП Нискоградба во кој што не само што не е евидентиран криминал, како што цело време инсинуирате лажете, туку во целост ве демантира. И сега? Колку ви траеше лагата? До каде стигнавте со неа? Знаете што се добива со лажење? Ете … сега ќе ви кажам … се добива кривична пријава“.
„Она што се зборуваше јас би го нарекол продавање магла, шашма и привиденија, кога бројките за Нискоградба се сосема јасни. Ние како и минатиот пат нема да ја гласаме завршната сметка и немаме намера да ја гласаме. Зошто би гласале завршна сметка која покажува 32 милиони денари загуба? Ниту сме ја гласале во претходните десет години, ниту ќе ја гласаме денес. Она што треба да го направиме денес е единствено да го изгласаме сметководственото правило дека треба да ја покриеме загубата, што сме го правеле и во минатото, како законски начин како да се покрие таа загуба сметководствено, а не дека се тоа некакви реални пари, кои останале во минатите години.“- рече претседателот на Советот на Општина Битола, Валентин Груевски, инаку од редовите на ЛДП.
Методија Илиевски од СДСМ, исто така, се повика на своето тврдење, дека ревизорскиот извештај, според него го потврдил она што го кажувале и во периодот на изминатите месеци, но и во претходниот мандат, а се однесува на лошото работење на претходниот директор.
Инаку, градоначалничката Петровска, овој пат заработи кривична пријава за завршната сметка на Општина Битола и во неа стои дека се бара од надлежните државни органи да ја испитаат вистинитоста на информациите за вака искажаните непостоечки обврски искажани во званично поднесената законска документација (завршна сметка) до државните органи (Централен регистар на РМ), дали тоа претставува злоупотреба на службена положба и овластување, фалсификување и уништување на деловни книги и кои биле мотивите доколку наводите за злоупотребата фалсификување и уништување на деловни книги се вистинити.