Студијата на универзитетот Сун Јат-Сен во кинески Гванжу открива дека одредена температура влијае на ширењето на коронавирусот.

Студијата објавена минатиот месец сугерира дека топлото време има значајно влијание на коронавирусот и дека би можела да влијае на ширењето. Коронавирусот е чувствителен на високите температури кои би можеле да влијаат на ширењето во потоплите земји, додека пак земјите со пониски температури ќе мора да воведат построги контроли.

Експертите се надеваат дека бројот на заболени ќе се намалува со доаѓањето на повисоките температури. Студијата на група истражувачи, меѓу кои и епидемиологот Марк Липсиќ од Универзитетот Харвард открива дека ширењето на коронавирусот е можно и во подрачјата со различна количина на влага во воздухот.

„Самите временски прилики, како зголемувањето на температурите и влажноста на воздухот нема нужно да влијаат на опаѓањето на бројот на заразени од коронавирусот без имплементација на здравствените мерки“, стои во студијата.

Имено, групата на научници, истражувањето го темели на податоците за секој случај на коронавирус кој е потврден во периодот од 20-ти јануари до 4-ти февруари, што вклучува повеќе од 400 кинески градови и региони. Анализата на метеоролошките податоци покажала дека бројот на заразени пораснал кога температурата изнесувала 8,72 степени Целзиусови, а потоа бројот на заразени почнал да опаѓа.

„Температурата на воздухот има влијание на околината во која живеат луѓето и таа може да има улога во врска со контролата на епидемијата“, стои во студијата.

Хасан Заракает, експерт при Центарот за инфективни болести на американскиот Универзитет Бејрут тврди дека потоплото време може да влијае на помал пренос на коронавирусот.

„Се уште учиме за тој вирус, но тоа што го знаеме за коронавирусите може да ни биде од помош. Ако временските прилики ни помогнат за намалување на преносот на вирусот, тогаш можеме да го сопреме понатамошното ширење“, изјави Заракает.