Прилепската конфекцијска компанија „Кули“ започна со производство на бесплатни заштитни маски поради моменталната состојба со коронавирусот.

Александар Мариновски, менаџер на „Кули“, вели дека за една недела, доколку на апелот се приклучат сите текстилни фирми во земјава, би можеле да се изработат 2 милиона заштитни маски.

Фирмата при процесот на производство користи материјали кои ги имаат на залиха, а кои требало да бидат користени за изработка на јоргани, перници и постелнини.

– Денеска почнуваме да ги произведуваме заштитните маски со уште две фирми од Прилеп, а мислам дека уште две ќе се приклучат, за да помогнеме кој колку може. И сите конфекции во Македонија се вклучуваат, една компанија дури го донираше и цел материјал што го имаше, изјави Мариновски за „Слободен печат“.

За квалитетот и заштитната функција на маските, Мариноски вели дека е подобар од оние кои веќе ги нема во аптеките.

– Имаме налози за работа, но ако треба ќе прекинеме сè доколку за тоа во иднина се јави потреба и цел капацитет ќе го пренасочиме кон изработка на маските, затоа што тоа е за сечие добро, вели менаџерот на „Кули“.