Подготвени се осумте автобуси со кои ги пречекуваме и превезуваме нашите сограѓани кои ни пристигаат од Берлин со летот во 17 часот, објави министерот за здравство, Венко Филипче.
– Со дезинфицирана внатрешност, опремени со закуска и вода, возачи со целосна безбедносна опрема, обезбедуваме транспорт до хотелот Цар Самуил во Струмица, каде ќе бидат во следните 14 дена во задолжителен државен карантин. Го штитиме колективното здравје и здравјето на секој граѓанин. Се работи за наши граѓани кои се враќааат во својата земја од различни страни на светот. Во вакви моменти секој се чуствува најбезбедно дома, меѓу своите најблиски. Овој модел мораме да го поддржиме, за доброто на сите. Им благодариме на сите колеги по институциите кои деноноќно и посветено работат на безбедно враќање на нашите граѓани дома, објави Филипче на Фејсбук.
Ова се случува ден подоцна, откако синоќа, патници кои пристигнаа во Скопје со специјален лет, беа оставени долго време затворени во автобус, без храна и без вода. Потоа на социјалните мрежи се раширија информации и видео прикази од тоа што повратниците во Македонија го преживеале, чекајќи да бидат сместени во карантин.