Јасно е дека ќе треба да се почитуваат мислењата на здравствените власти и ќе се чекаат насоки од нив како ние да го организираме процесот, но во секој случај мислам дека не треба да се брза и треба да се внимава, пред сè, на заштитата на здравјето на граѓаните, вели претседателот на ДИК Оливер Деркоски во интервју за Вечер, прашан во однос на избори до крајот на јуни.
Тоа што треба да биде цел на сите, вели Деркоски, е државата да има фер и транспарентен изборен процес кој нема да биде оспорен и делигитимиран од никого по неговото завршување на истиот и државата да не влезе во нова политичка криза,
– Јас не би лицитирал со датуми, цело време апелирам да се води сметка дека за да се завршат сите работи навистина ни треба време, не се водам од политички побуди и мотиви, туку самата ситуација ги наметнува. Голем дел од граѓаните кои се во странство а ги има на избирачки список и имаат право да гласаат, може ќе сакаат да се вратат летово во земјава и да гласаат тука. Имаат право да гласаат, меѓутоа ако важат овие мерки веројатно ќе треба да бидат во карантин, па ќе треба да организираме гласачки места и во карантин, а тоа бара посебни услови, и не трпи импровизација. Јас не би си зел одговороност за таква организација, вели претседателот на ДИК.
Освен тоа, додава тој, голем дел од гласачките места ќе треба да се променат, со оглед на тоа што е невозможно во постоечките простории да се обезбеди потребната дистанца и на членовите на избирачките одбори и на набљудувачите и простор за движење на гласачите.
– Ќе мора да најдеме поголеми простории, ќе биде лесно таму каде што ќе има спортски сали, но нема секаде и за тоа ќе треба дополнително време за решение за промена на локациите, но и време граѓаните да се информираат дека треба да гласаат на друга локација, вели Деркоски.
Тој останува на ставот дека се неопходни минимум 50 дена од датумот до изборите и дека ќе инсистира на тоа, со цел да не се доведеме во прашање здравјето на граѓаните.
Денеска членови на ДИК треба да се сретнат со претседателот на државата Стево Пендаровски за да разговараат за можните рокови за избори.