Северна и Јужна Америка бележат забрзано зголемување на бројот на заразени со коронавирусот, предупреди Светската здравствена организација (СЗО).

Извршниот директор на програмата за вонредни случаи на СЗО, Мајк Рајан рече дека Централна и Јужна Америка станале „интензивни зони на пренесување“ на вирусот.

Тој додаде дека не верува дека е достигнат врвот во трансмисијата и истакна дека во моментот не може да предвиди кога ќе достигне тој врв.

– Пет од 10-те земји низ целиот свет кои пријавиле најголем број нови случаи во последните 24 часа се во Америка: Бразил, САД, Перу, Чиле и Мексико, рече Рајан.

Тој потсети дека „пред многу недели“ светот беше фокусиран на Јужна Азија и Африка како потенцијално жариште на вирусот, пренесува Си-Ен-Ен.

Рајан рече дека сега, до одреден степен, ситуацијата во тие области е сè уште тешка, но стабилна.

– Од друга страна, јасно е дека ситуацијата во многу земји од Јужна Америка е далеку од стабилна. Има рапидно зголемување на бројот на случаи и овие системи се под зголемен притисок, истакна Рајан.