Предизборната кампања за предвремните парламентрани избори на 15 јули се наоѓа на четвртина и додека политичките партии и коалициите своите политички понуди на терен ги промовираат со почитување на здравствените протоколи, преку социјалните мрежи и медиуми се објавуваат нови „бомби“ и меѓусебни обвинувања.
На петтиот ден од 20-дневната изборна кампања, караванот на Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ ќе биде во Куманово и Свети Николе, додека Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „За обнова на Македонија“ изборните активности ќе ги претстави пред граѓани Новаци, Демир Хисар и Битола.
Предизборниот караван на политичката платформа Македонски концепт ќе биде присутен во Битола, Охрид, Струга и Кичево, а коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива во Маврово.
Партиите во текот на вчерашниот ден ги упатија пораките до граѓаните и побараа поддршка на претстојните избори.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев, порача дека на 15 јули расчистуваме со остатоците од режимот во судството и најави дека доколку СДСМ повторно формира Влада, правосудството целосно ќе се прочисти од корумпираните судии и обвинители.
-Оние судии кои свесно и намерно застаруваат предмети ќе бидат разрешени по автоматизам за да се остави простор за оние кои чесно и професонално си ја работат работата, рече лидерот на СДСМ.
Заев најави почеток на детална проверка на имотната состојба на судиите и обвинителите, како и темелна ревизија на пет проценти од сите судски пресуди по случаен избор, како и воведување ред и дисциплина во сите други институции.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски порача дека по 15 јули ВМРО-ДПМНЕ ќе покаже како може за само шест месеци за секој за кој што постои основано сомнение за криминал, дали бил дел од СДСМ, дали бил дел од ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса политички определен или неопределен да ја дочека правдата пред сопствената врата.
– Јас ви ветувам правда без исклучок почитување на законите заврши времето на политичките деспоти. Нема да биде политичар привилегирана каста. Помина времето на политички мочуришта и неуспеси. Доаѓа времето кога Македонија се исправа. Доста беше чувството на граѓани од втор ред, изјави Мицкоски.
Тој најави дека ќе има минимум 25 проценти поголема плата во еден четиригодишен мандат ќе има минимум 20 отсто повисоки пензии за пензионерите, како и минимум 1 000 километри локални и регионални реконструирани патни правци.
Кандидатот за премиер од редовите на партијата Демократска унија за интеграции (ДУИ) Насер Зибери, пред гостиварци, порача дека Македонија е созреана за рамноправни услови без да е важна етничката припадност.
– Целта на мојата кандидатура за претседател на владата е да се испрати порака дека Македонија созреа за да создава рамноправни услови за натпревар било тоа на политички, економски, социјален и секаков план. При тоа етничката припадност да не биде клучниот или единствениот критериум со кој некому ќе му се дава шанса за да оди напред. Доколку се сплотиме околу постулатите за заедништво, рамноправност и за европските вредности, ќе создаме тло врз кое ќе се гради заедничката перспектива, рече Зибери.
Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива вчера ги посетија тетовските планински села Лисец и Шипковица и ја претставија платформата на коалицијата „Држава за сите“.
Претседателот на Алијансата за Албанците, Зиадин Села, истакна дека сега е време за промени, почнувајќи од законот за фер и соодветна застапеност, економски понуди и економски развој, како и за неправдите направени кон Албанците низ годините кои не се соодветно заштитени во правосудните институции.