Засега нема препорака од Комисијата за заразни болести ниту пак одлука за затворање на границите со Србија и со Косово, потврди вчера техничкиот премиер Оливер Спасовски и истакна дека во моментов останува да важи старата одлука, односно дека границите се отворени.

Министерот за здравство, пак, Венко Филипче, рече дека Комисијата ја следи состојбата и засега границите остануваат отворени додека не се добијат потребните информации за епидемиолошката слика од соседните земји.

Поради влошувањето на состојбата со коронавирусот и во соседните земји, за вчера беше најавен состанок на Комисјата за заразни болести на кој, според најавите, требаше да се разговара за евентуално затворање на границите или за други превентивни рестриктивни мерки.

Филипче вчера од Охрид информираше дека Комисијата за заразни болести вчера претпладне остварила комуникација со претставници на околните земји и до крај на вчерашниот ден се очекуваа информации за состојбата со корона вирусот во целиот регион.

-Последните статистики насекаде во светот покажуваат дека пандемијата не спласнува, има се повеќе пациенти, секаде каде се опуштаат рестриктивните мерки има многу нови заразени. Имаме податоци за поголем број заразени и во околните земји. Утрово на Комисијата за заразни болести направивме една интензивна комуникација со претставници на здравствените институции и здравствените власти во сите околни земји со цел да ја согледаме вистинската епидемиолошка слика во целиот регион и дел од тие информации очекуваме да стигнат до крајот на денот, потенцира Филипче.

Шефот на дипломатијата Никола Димитров вчера рече дека има некои комплексни сложени ситуации во смисла на транзит, на ПЦР тестовите, некои информации недостигаат и оти ќе биде важно да се продолжи со оваа консултација бидејќи сите одлуки што ние или било кој во регионот и ЕУ ги носи во однос на границите се пред се водени од здравствен аспект.

-Нема политика, нема пријателство, главната калкулација е епидемиолошката слика, рече Димитров.

Во врска со забраната за македонските граѓани за патување во земјите од ЕУ до исполнување на просекот од 20 нови случаи на 100 илјади жители во последните 14 дена, што би значело дека треба за тој период да има помалку од 400 новозаразени со Ковид-19, Димитров истакна дека доколку сите се придржуваме кон мерките побрзо ќе стасаме до исполнување на тој услов, кој, како што посочи, е еден од трите, согласно кои ЕУ ја формира белата листа за патување.

Димитров напомена дека забраната не важи за суштински патувања, како регулиран престој, образование, хуманитарни причини, семејно обединување…, а најави дека во контакт се со земјите каде има најголем интерес од македонските граѓани да се утврдат протоколи за бизнис секторот кој има потреба да одржува состанок во некоја земја, како и за лицата кои имаат имоти во некои соседни држави.

 

Во изминатите 24 часа во Србија потврдени се уште 309 случаи на заразени, а поради влошената епидемиолошка состојба, вонредни мерки се на сила во Белград и во пет други градови. Здравствените власти во Србија соопштија за 11 смртни случаи од Ковид-19 вчера и тоа е најголем број во еден ден од почетокот на епидемијата на 6 март. Владата донесе и одлука со која се забранува собирање на јавни места во затворени простории за повеќе од 100 лица, а на отворено до 500, со обврска да почитуваат физичко растојание од метар и половина.