Оние кои посетиле региони со зголемена ендемија на коронавирусот или биле во контакт со такви лица да не доаѓаат во ординациите, ако не поминале седум до 14 дена, апелираат до граѓаните од Асоцијацијата на стоматолози од Лерин (Флорина), повик кој, според грчките медиуми, се однесува на оние кои често патуваат во С. Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.
Во соопштението, стоматолозите бараат одговорност од нивните пациенти, но и искреност, да ги известуваат доколку патувале, бидејќи велат дека тие не можат да знаат кој каде бил.
Додаваат дека со отворањето на границите кон соседните земји, се појавиле позитивни случаи и во нивниот регион.
-Ги предупредивме одговорните за едностраното отворање на границите. Со која логика не им дозволуваш на граѓаните на соседната земја да дојдат во нашата земја бидејќи ширењето на вирусот таму е големо, а им дозволуваш на твоите граѓани да одат и да се враќаат со веројатност да го пренесат вирусот? Бараш, оние кои доаѓаат да имаат негативен тест, а твоите граѓани кои таму ќе бидат изложени на вирусот, единствено ги регистрираш и ги остава да се движат во заедницата?, велат од Асоцијацијата на стоматолози од грчкиот град.
Во изминатиот период и градоначалникот на Лерин, но и на други погранични грчки градови апелираа до граѓаните да ги избегнуваат или да ги сведат на минимум патувањата кај нас.