Косовскиот претседател Хашим Тачи побара од пратениците во републичкото Собрание да не гласаат за одземање на мандатот на Меѓународниот суд за воени злосторства во Косово, и покрај тоа што пред тој суд се покренати обвиенија против него и против други основачи и водачи на некогашната Ослободителна војска на Косово (ОВК), јави дописникот на МИА од Приштина.

Во синоќешното видео-обраќање на јавноста преку својата страница на Фејсбук, Тачи порача дека „судовите формирани од меѓународната заедница за да ја судат борбата на ОВК се неправедни“, но го повика Собранието да го продолжи мандатот на сегашниот трибунал, чие седиште е во Хаг, „се додека не стаса известување за прекин на мандатот од страна на Советот на Европската унија“.

Обраќањето на косовскиот претседател уследи по иницијативата на Здружението на воени ветерани на ОВК за одземање на мандатот на Меѓународниот трибунал, во косовската јавност познат како „Суд за ОВК“. Овој суд, чиј официјален назив е Специјализирани комори за Косово, беше основан пред пет години од страна на косовското Собрание, под притисок од САД и другите сојузници на Косово. Премиер во тоа време беше токму Тачи.

– Ги следам иницијативите за укинување на Специјалниот суд, знаеме дека во изминативе години на Косово не му недостигаа судовите, а Специјалните комори се петтиот по ред суд, додека во исто време меѓународниот молк се прифаќа како амнестирање на геноцидот од страна на Србија, изјави Тачи.

Тој порача дека „политиката не треба да навлегува во правдата, ниту пак правдата во политиката“ и нагласи дека тоа било негово убедување „во секој чекор на поддршката за формирање на меѓународните судови во последните 20 години“.

– Ова останува мое убедување и сега кога од Собранието на Република Косово барам мандатот на Специјализираните комори и на Канцеларијата на специјалниот обвинител да продолжи се додека известувањето за престанок на мандатот не дојде од Советот на ЕУ, во консултација со Владата на Косово. Имаме потреба од јаснотија за начинот на кој се затвораат Специјализираните комори, затоа верувам дека пратениците ќе ја поддржат мојата иницијатива, порача Тачи.

Специјалното обвинителство во рамките на Трибуналот во Хаг во јуни годинава објави дека покренало  обвиниенија против Тачи и други поранешни раководители на ОВК, меѓу кои и Кадри Весели, актуелен лидер на Демократската партијата на Косово (ПДК), партија основана од самиот Тачи. Тие се сомничат за убиство на над 100 цивили од албанска, српска и други националности за време и непосредно по војната со Србија во 1998-99 година.