Министерството за здравство информира дека согласно извештајот на Институтот за јавно здравје, кој се однесува на периодот од 17 до 23 август се направени 11.129 тестирања на вирусот SARS-CoV-2.
Регистрирани се вкупно 839 нови позитивни случаи од 29 градови во државата и намалување од 7,0 отсто, во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=281; 33,5 отсто). Во овој период, бројот на новопотврдени случаи е под 20 лица, во 16 града во земјата.
– Процентот на позитивни од тестирани изнесува 7.5 отсто, што претставува намалување од 0,3 отсто во однос на претходната недела. Овој индикатор и натаму покажува тренд на намалување, во однос на претходните недели кога истиот се движи од 10 отсто, 9.4 отсто, 8.6 отсто и 7.8 отсто. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, и во овој период најзастапена е возрасната група на лица над 60 години со 205 (24,4 отсто) позитивни. Голем број заболени се регистрира и кај лицата на возраст од 30-39 (n=151; 18,0 отсто), 40-49 (n=142; 16,9 отсто) и 20-29 (n=140; 16,7 отсто) . Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=20; 2,4 отсто) и 10-19 години (n=49; 5,8 отсто). Од случаите кои се епидемиолошки истражени (n=807; 96,2 отсто), регистрирани се 119 (14,7 отсто) хоспитализирани, а кај 239 (29,8 отсто) лица е регистрирано присуство на коморбидитети. Од вкупниот број нови случаи, 307 (38,3 отсто) имаат контакт со потврден случај. Регистрирани се 29 лица со историја на патување во последни 14 дена, соопшти Министерствотот за здравство.
Во споменатиот период, по добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2, како оздравени се водат 554 лица, кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 513 помалку во однос на претходната недела.
Според извештајот на ИЈЗ, пријавени се 19 смртни случаи од шест градови или два повеќе во однос на претходната недела и сите се на возраст над 60 години. Од нив, 16 биле хоспитализирани, а три лица починале во вонболнички услови. Коморбидитети се регистрирани кај 16 починати лица.
Деталните извештаи на Институтот за јавно здравје за состојба со Ковид-19 во Македонија – 17 до 23 август 2020 година, како и кумулативна состојба со Ковид-19 во Македонија се достапни на веб страницата на Институтот за јавно здравје: http://iph.mk.