Лидерот на СДСМ Зоран Заев на новинарско прашање за стартот на учебната година рече дека ќе има законски измени и дека ќе почне од 1 октомври.
-Почетокот на школската година ќе биде на први октомври, ќе почне со селекција на дел од децата кои треба да ги описмениме, онлајн наставата е концепт за сите. Следат и законски измени. Министерот Адеми изјави за 15 септември, но на први септември не почнува школската година. Заради здравствени протоколи почетокот ќе биде на први октомври, рече Заев.
Од досегашниот министер за образование Арбер Адеми, кој отсега ќе биде пратеник, Заев побара да ги даде неопходните информации, додавајќи и дека идната министерка Мила Царовска како актуелен потпретседател на Владата е запозната и работи на проблематиката.
– Владата навреме ќе ги донесе сите одлуки изградени врз основа на препораките од Комиосијата за заразни болести и на проценките на Министерството за образование и наука и министерот Адеми. Имаме прилично чиста ситуација. На првата седница на Владата ќе донесеме конечни и конкретни одлуки и веднаш ќе ги соопштиме. Имаме подготвено комплетен план, со сите анализи и искуства, со цел образовниот процес на учениците да тече, а да го заштитиме нивното и здравјето на нивните семејства, додаде Заев.