Во организација на културно уметничкото друштво Дримкол од денеска до 19 август во Вевчани ќе се одржи осмиот фестивал на народна култура „Пображење“.
Целта на фестивалот, како што истакна претседателот на КУД Дримкол Тошо Чочороски, е да ја афирмира македонската духовна култура и традиција, да овозможи запознавање со културата и традицијата на други земји низ светот и да ја збогати туристичката понуда на општината.
– Вевчани од секогаш бил достоен чувар на македонската традиција, со векови го негува и презентира фолклорното творештво на својот народ, па токму затоа и овој фестивал е само уште една потврда за нашиот однос кон културното наследство на Вевчани и Македонија, изјави Чочороски.
Фестивалот ќе почне со прикажување етнолошки филмови од Музејот на Македонија и Македонското етнолошко друштво, а свои обраќања ќе имаат Владимир Боцев, етнолог во Музеј на Македонија и директорот на Институтот за фолклор Зоранчо Малинов. На летната сцена во Вевчани, утре и задутре, ќе настапат над 500 уметници членови на фолклорни ансамбли од Македонија, Полска, Естонија, Чешка, Словачка, Литванија, Босна и Херцеговина и професионална фолклорна група од Куба.
Традиционално, Фестивалот завршува на празникот Преображение Христово на 19 август со етно звуците на ансамблот „Климе Садило“ од Охрид и вокално-инструментална изведба на оркестарот и пејачката група при КУД „Иван Горан – Ковачиќ“ од Сисак, Хрватска.
Стручен совет на фестивалот ќе ги оценува ансамблите кои ќе презентираат изворен фолклор, а за најдобриот организаторот ќе додели плакета „Чувари на изворната традиција“.
Покрај сценско-уметничката презентација на орска, инструментална и вокална култура, во рамките на фестивалот секоја година се реализира и програмската содржина: Народната култура во Вевчани, инспирација за ликовните уметници. Годинава на оваа тема во Вевчани ќе сликаат: Славица Секулоски, Македонка, која живее и твори во Холандија и Марјан Стојаноски од Струга.