Не постои врска меѓу примањето на вакцината Фајзер-Бионтек и зголемен ризик од смрт кај 23 починати пациенти кои ја примиле вакцината во Норвешка, соопштија денеска норвешките здравствени официјални лица.
Смртта се случила во рок од шест дена по вакцинирањето против коронавирусот, а Норвешката агенција за лекови и Националниот институт за јавно здравје во моментов ги испитуваат смртните случаи, објави Си-Ен-Ен.
„Во моментов, нема статистичка анализа што укажува на тоа дека вакцинацијата против коронавирусот довела до зголемен ризик од смрт кај вакцинирани лица“, вели Сара Виксмоен Ватл, главен лекар во норвешкиот институт за јавно здравје.
Фактот дека инцидентот се совпаѓа со вакцинацијата не мора да значи дека вакцината е причина за инцидентот, истакна Ватл.
Иако не може да се исклучи дека вообичаените несакани ефекти, како што се главоболки, болки во мускулите, треска, болки во зглобовите, може да придонеле за посериозен тек на настаните кај некои пациенти, смртните случаи треба да се гледаат во контекст, наведе таа.
„За да може да се протолкуваат овие информации, важно е ова да се разгледа како целина“, нагласи Валт, додавајќи дека корисниците на домови за стари лица се изложени на ризик сериозно да се разболат или да умрат од „ковида 19“, и затоа биле приоритетна група за вакцинација.
Голем дел од оние што живеат во домови за стари лица се сериозно болни или се во последните фази од животот, вели таа, истакнувајќи дека очекуваниот животен век во домовите за стари лица е релативно краток и дека повеќе од 300 луѓе умираат неделно во норвешки домови за стари лица.
Од Фајзер во соопштение испратено до Си-Ен-Ен во саботата, истакнаа дека се запознаени со пријавените смртни случаи и дека се во мислите со семејствата на починататите и додаваат дека ќе соработуваат со норвешките власти при собирање на сите релевантни информации.