Имиња на пејачи и музички групи, како Дејвид Боуви, Квин, Леб и сол, Лева патика, Мизар, Есма Реџепова, како и по филмот Медена земја“… е дел од списокот на нови имиња на улиците во Скопје, што ги предлага локалната власт, предводена од градоначалникот Петре Шилегов.
На листата од 571 улици за преименување се и новинарот Никола Младенов, пејачката Вања Лазарева, архитектот Живко Поповски, спортистите Благоја Георгиевски-Буштур, Атина Бојаџи, како и заменик-градоначалникот на Скопје Енвер Малиќи.
Меѓу предлозите се и писателите Славко Јаневски, Петре М. Андреевски, Блаже Конески, Владо Малески…
Советот на Град Скопје на претстојната седница ќе расправа за дополнување на Листата на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на Град Скопје. Со усвојувањето на ова дополнување, постоечкиот регистар на имиња се предлага да биде дополнет со вкупно 571 име.
Листата, како што велат предлагачите, опфаќа имиња на истакнати личности од областа на градското, националното и светското културно и историско наследство, поважни настани од македонската и светската историја, имиња дадени според топоними на градови во земјата и регионот и други имиња.
– Со ова дополнување на листата предвидено е да се зголеми бројот на имиња на женски личности и настани кои оставиле белег во историски и културен контекст, како и на припадниците на немнозинските заедници кои живеат во Скопје, но и на бројот на топоними со регионално и светско значење. Од вкупно 571 име, 479 се имиња на истакнати личности од кои 79 се имиња на жени, додека пак останатите 92 имиња се имиња на поими кои означуваат поважни настани, топоними и други поими. Во дополнувањето на листата вратени се и имињата на улиците од периодот на солидарноста и изградбата на повоено Скопје, велат од Град Скопје.
На многу од улиците во Скопје им прилега да бидат обновени и закрпени старите дупки, но на градските власти полесно им е да ги менуваат имињата отколку крпењето и поправката на дупките. Тоа за граѓаните ќе биде и дополнителна обврска за смена на документите кои се водат на адреса со старите имиња на улиците.