Одбраната на обвинетите за настаните во Собранието на 27 април минатата година, денеска во воведните говори пред судот го негираа обвинението против нивните клиенти, тврдејќи дека обвинетите не сториле никакво кривично дело, а најмалку тероризам, уривање на уставниот поредок или акт на насилство.
Бранителот на обвинетиот Душко Лазаров адвоктот Звонко Давидовиќ посочи дека обвинетите се товарат за сторен терористички акт со оневозможување на избор на претседател на Собранието. Тоа, како што кажа, не е точно. Џафери е избран за претседател и не бил физички загрозен ниту повреден на 27 април во Собранието, како што не бил ни дотогашниот претседател Трајко Вељаноски, а претседателот на државата и премиерот биле на локација многу подалеку.
– Затоа терористичко загрозување на уставниот поредок и да сакаме не можеме да имаме, рече Давидовиќ.
Бранителот на Митко Чавков, адвокатот Сашо Дукоски, во воведниот говор рече дека Чавков дал наредба за упад на полициските сили во Собрание и за употреба на шок бомби и е заслужен за формирањето полициски кордон за извлекување на пратениците од Собранието во оклопно возило и транспорт во касарна во Ѓорче Петров. На тој начин, според Дукоски, им ги спасил животите.
– Како може за еден ист настан по време, место и дејствие да има различни дела. За вршење тероризам и загрозување на уставниот поредок треба да има умисла, а тоа го нема, рече Дукоски.
Нагласи дека врз основа на ливче хартија која нема ни статус на подзаконски акт и е само уредба на Чавков се сака да му се импутира дејствие на умисла бидејќи специјалните сили се вклучуваат по наредба на началник на централни полициски сили или по наредба на директор на БЈБ или директно од министер.
– Зошто другите двајца се амнестирани, праша Дукоски.
На протестот на „За заедничка Македонија“ Пепиќ бил службено како вработен од Агенцијата за разузнавање и следел едно лице. Тоа лице влегло во Собрание па и тој морал да влезе заедно со него.
Дончо Наков кој е бранител на обвинетите Љубен Арнаудов, Владо Јовановски и Богдан Илиевски – Бетмен и Абдуљифета Алими, рече дека тие немаат вина и се товарат за искажани зборови односно сториле „тероризам со зборови, а не со дела“.
И Еленко Миланов, бранител на Игор Дурловски, Мунир Пепиќ и Љупчо Димовски, кажа дека тие не се виновни и оти ќе докаже дека немаат никакво кривично дело.
– Дали присуството на граѓани во Собранието без никаков акт на насилство може да се третира како обид за уривање на уставниот поредок, праша Миланов.