СКАНДАЛОЗНО СВЕДОЧЕЊЕ ЗА РЕКЕТИРАЊЕ НА ПРИВАТНИ БИЗНИСИ ОД СТРАНА НА ПРВИТЕ ЛУЃЕ НА ШИЛЕГОВ

Нема ден да помине без Шилегов и неговата администрација да направат нов голем скандал.

Деновиве сведоци сме на обвинувања насочени кон Никола Наумоски, Шеф на Кабинет на Шилегов, лажен НВО и шарен активист, чии единствен „професионален успех“ е што е братучед на Радмила Шекеринска, како и Викторија Аврамовска- Мадиќ, Секретар на Град Скопје, која е позната што неодамна беше шеф на изборниот процес за лидер во СДСМ со еден кандидат.

Овие двајца се во центарот на мега скандалот, објавен од познат адвокат, кој преку социјалните мрежи обелодени со какви коруптивни методи и притисоци се служат Наумоски и Мадиќ, користејќи ги нивните позиции за остварување на лични добивки. Адвокатот, кој на легален и законски начин добил тендер за судско застапување на новото јавно претпријатие за хуман третман на улични кучиња „Лајка“, сведочи на нехуманиот однос и притисоци на Наумоски кон директорката на Лајка и други вработени, вршејќи им притисоци да влијаат на изборот на правните застапници на ова ЈП. Поскандалозно е неговото тврдење дека Викторија Аврамовска- Мадиќ, Секретар на Град Скопје и прв човек на градската администрација, лично телефонски се обидела да го „рекетира“ адвокатот, преку нарачка на вработувања за возврат на добиениот тендер.

Навистина е шокантна арогантноста и дрскоста со кои овие двајца, најблиски соработници на Шилегов, ги користат позициите за лично богатење и лечење на нивните комплекси.

Малку е што ја преполнија администрацијата на Градот и јавните претпријатија со неспособно партиски војници, туку сега си даваат за право да посегнат и по приватниот сектор и да диктираат кој ќе се вработи за возврат на „привилегијата“ да добијат тендер на Градот и некое од градските институции.

Додека во светот владее пандемија, градската администрација со месеци беше оставена да работи во субстандардни и опасни услови, а Наумоски и Мадиќ упорно ги одбиваа барањата и апелите администрацијата да работат со ротации и намален капацитет, што е случај со сите останати државни и приватни капацитети. Сега ние всушност дознавме дека Наумоски и Мадиќ биле едноставно „премногу зафатени“ со нивните приватни зделки за да се занимаваат со вакви „ситни проблеми“.

Ваков мега-скандал мора да биде проследен со вистинска истрага и мора да има одговорност. Апелираме до адвокатот кои го обзнани ова однесување на градските функционери, сите докази да ги достави до јавното обвинителство и Државната комисија за спречување на корупцијата. Дополнително, бараме Основното јавно обвинителство во Скопје веднаш да отвори предмет по допрен глас во врска со овој скандал.

Комисија за локална самоуправа, ВМРО-ДПМНЕ