Поради пандемијата ќе поскапе недвижниот имот и становите, па се очекува квадратен метар во новоградбите во центарот на Скопје да надмине цена од 2.000 евра.
Вакво предупредување доаѓа од градежниците кои тврдат дека цените на градежните материјали поскапеле дури до 80 отсто.
– Наша констатација и очекување во моментов е дека со покачување на минималната плата и најавените уште поголеми поскапувања на репроматеријалите, цените на становите ќе растат. Дополнително, граѓаните увидоа дека во време на пандемија е најдобро да вложуваат во недвижнини. Сепак, не би можел да кажам за колку ќе се покачат цените со оглед дека сме во најтешкиот момент за градежништвото и не знаеме колку тоа ќе трае, изјави Андреа Серафимовски, претседател на Градежна комора.
Градежниот сектор бара од Владата директни мерки за да може да го одржи континуитетот на работење зашто последниот раст во градежништвото е регистриран на крајот од 2019 година од 8,9 отсто.