Премиерот Зоран Заев денеска најави дека наскоро ќе биде поставен бројчаникот на Порта Македонија во Скопје, кој треба да покажува колку од украдените пари ќе се вратат во буџетот.
Но, додека „стигнат парите“, бројчаникот ќе покажува колку е температурата и на која географска ширина и должина се наоѓа Скопје.
– Бројчаникот ќе врти како што ќе се носат судските пресуди и како што институциите од областа на фининсиските истраги ќе ги инкасираат вратените пари што биле земени од буџетот, како надомест на штета, рече Заев на денешната прес-конференција во Владата одговарајќи на новинарско прашање.
Тоа, како што истакна премиерот, е ветување што го дал додека беше во опозиција, барајќи ја поддршката од граѓаните.
– Ова ветување ќе биде исполнето овие денови, секако доколку се завршат правните формални апсекти. Во буџетот на Владата нема пари за тоа и бројчаникот приватно ќе го платам од мои пари. Тоа значи дека по завршувањето на функцијата ќе биде дониран на Министерството за култура и институцијата која е сопственик на Триумфалната порта каде ќе остане трајно добро. Откако ќе се вратат сите украдени пари најверојатно бројчаникот ќе покажува температура, географска ширина и должина на Скопје и слично. Тоа е намерата во делот на постапката за реализација на ова мое ветување, рече премиерот Заев.