Побрзо ќе најдеш вода во пустина, отколку правда во Македонија, вели Маја Трпкова, мајка на убиениот Пино Секондо, откако Апелацискиот суд во Скопје ја поништи пресудата за убиството на нејзиниот син кој беше убиен во 2018 година.
За убиството на 19-години затвор беше осудена скопјанката Ангела Ѓорѓиевска, а постапката против Али Фуркан беше прекината поради тоа што тој се уште им е недостапен на властите во Македонија.
Како што објави весникот Слободен печат, адвокатот Еленко Миланов кој ја бранеше Ѓорѓиевска вели дека во образложението на Апелација се вели дека судот ги уважил жалбите и утврдил погрешно утврдена фактичка состојба, како и суштествена повреда на постапката.
Ѓорѓиевска доби голема казна затвор поради свирепото убиство на Пино Секондо. Судијката Ленка Давитковска ја прогласи за виновна, односно, утврди дека Ѓорѓиевска помогнала во извршување на убиството. Телото на убиениот Пино беше пронајдено неколку месеци по убиството, во април 2019 година во атарот на скопското село Љуботен.
Во бегство и натаму е Фуркан Али, обвинет дека го извршил убиството.
Според обвинението, на 11 декември 2018 година Ѓорѓиевска како соизвршител, задно со лицето Али Фуркан го сторила кривичното дело.