Премиерот Зоран Заев денеска информира дека во рамки на Бледскиот форум разговарал со бугарскиот претседател Румен Радев, при што тој изразил надеж дека политичките субјекти ќе успеат да формираат Влада, која е важна за носење одлуки.
– Како што соопштив, на 17 јуни после враќањето од Бугарија каде што бевме, разговаравме, ние ги адресиравме сите важни прашања, го создадовме патоказот, дополнително потврдивме со нота тоа што беше важно за кратко, долго име, за немешање во внатрешните работи и слично. Мислам дека очекувањата да се формира политичка влада би можело да биде во прилог на брзото одблокирање на процесот на Северна Македонија за интеграција во ЕУ, рече Заев во одговор на новинарско прашање дали разговарал со Радев во Блед и кои се очекувањата за одблокирање на процесот.
Заев потсети и дека на 14 ноември е најавен датум за одржување на третиот циклус парламентарни избори во Бугарија.
– Имајќи ги предвид нивните уставни рокови од 15 дена за добивање мандат, останува нашата надеж дека ќе формираат политичка влада за да можеме крајот на декември кога ќе се одржи и Советот на министри, а и Европскиот совет да се донесе одлуката за време на словенечкото претседателство, рече во тој контекст Заев.
Како што посочи премиерот и по првото разочарување најавил дека декември е следната шанса, затоа што, како што рече, нелогично е да се креваат очекувањата за септември, октомври или ноември.
– Декември е крајот на претседавањето на секоја земја, тогаш се одржуваат и состаноците. Таквите седници се на Општиот совет или Советот на министри и Советот на ЕУ и јас верувам дека можеме да се надеваме до крајот на оваа 2021 година, т.е. до крајот на декември да се донесе позитивна одлука секако во зависност од позитивниот развој на настаните пред се во Бугарија. Ние ќе останеме комплетно позитивни, целосно посветени. Секоја можна средба, верувам дека овој период може да се случат средби ќе ја искористиме за афирмација, истакна Заев.
Заев оцени дека е подобро за граѓаните на Македонија, но исто така е еднакво добро и за граѓаните на Бугарија да продолжиме да го градиме нашето пријателство.
– Ние сме први соседи, имаме браќа и сестри коишто буквално живеат во Софија или Скопје поврзани граѓани сме, блиски народи. Јас сум убеден дека тоа се очекувањата и на бугарскиот народ како што е очекувањето и на македонскиот народ, рече Заев при посетата на средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“.
Премиерот потсети дека во меѓувреме односите со Софија продолжуваат да се развиваат, потсетувајќи дека е зголемена трговската размена, има нови бугарски инвеститори во земјава, продолжува соработката меѓу институциите, а информираше дека се очекува во средината на септември да има одлука за избор на изведувач на втората фаза од железничката пруга која што е 160 милиони евра заради реализација на железничкиот Коридор 8.