Ковид-19 е присутен еден период од животот, а последиците од нарушување на растот се за цел живот, апелираше претседателот на Здружението „Раст“, Александар Петровски во пресрет на  20 септември – Светскиот ден за подигнување на свесноста за растот кај децата.

Пандемијата на Ковид-19, дополнително го отежна процесот децата да ја добијат соодветната хормонска терапија, поради стравот од коронавирусот.

– Ковид-19 ќе биде дел од нашиот живот со овој интензитет извесно време. Еден ден ќе помине и се надевам ќе заврши  многу наскоро. Децата растат сега и сега е моментот кога може да им се помогне. Во иднина ќе биде доцна, а последиците од нарушување на растот навистина се за целиот живот, вели Петровски.

Тој ја искористи приликата да апелира до родителите навреме да реагираа, а ја повика Клиниката за детски болести да ги поедностави и поефикасно да ги координира процесите за поставување терапија кај децата.

Доктор Марина Крстевска Константинова од Клиника за детски болести посочи дека основната карактеристика на децата во детството е растот. Таа додаде дека штом родителите забележат дека детето не го менува бројот на чевлите, носи ист број облека во период од една година, тоа претставува апел дека детето заостанува во растот.

– Светските препораки се дека децата треба што поскоро да дојдат на терапија, односно да се види дали е потребна. Некои препораки велат дека се препорачува децата да почнат со терапија околу четвртата година од животот, истакна Крстевска Константинова.

Доктор Александра Јанчевска од одделот за ендокринологија и генетика, при Клиниката за детски болести вели дека постојано го следат растот на децата, без разлика на нивната болест. Таа додаде дека хормонската терапијата за децата со низок раст е согласно европските и светските стандарди и се применува и во останатите држави.

Биљана Стефановска, родител на дете кое прима хормонска терапија раскажува дека поради списокот на чекање, нејзиното дете две години доцни со терапијата.

– Најчесто се случува родителите доцна да забележат дека детето е ниско, односно по 16-тата или 17-тата година, по завршување на пубертетот. Моето дете имаше осум години кога забележав дека заостанува со растот, при што беше дијагностицирана за терапија, но имаше список на чекање од скоро две години, додава Стефановска.

На ниво на цела држава, се лекуваат околу 100 до 105 пациенти, кои имаат заостанат раст. Оваа година првпат е обезбеден буџет од страна на Фондот за здравствено осигурување од над 58 милиони денари, што впрочем е терапија за 150 до 160 деца.