Го сменив името на земјата, а потоа победив на изборите, затоа што граѓаните почнаа да веруваат во иднината, вели меѓу другото премиерот Зоран Заев во интервјуто за австрискиот весник Стандард.

На прашањето зошто се приклучил кон иницијативата Отворен Балкан, за која многумина тврдат дека е само ПР акција на српскиот претседател Александар Вучиќ, Заев вели дека станува збор за идеја на српскиот претседател, но дека тоа е транспарентен проект што го спроведуваат три земји.

– Тоа го направивме првенствено затоа што сакаме на земјите од ЕУ, кои се воздржани во однос на проширувањето, како Данска, Холандија или Франција, да им покажеме дека самите можеме да направиме нешто позитивно, вели Заев.

Тој додава дека се работи за тоа „земјоделските производи побрзо да стигнат на пазарот во соседните земји“. Следниот чекор што го најавува
Заев е „да се направи обид за подобрување на културната соработка, на пример, преку соработка на филмската индустрија“.

Заев смета дека „Македонија може да сподели нешто позитивно во ЕУ“, а тоа го покажало Охридскиот договор и третманот на малцинствата, преку зајакнување на локалната самоуправа.

На прашањето дали Македонија ќе донесе подготвеност за компромиси во ЕУ, Заев одговара дека „подготвеноста не е видлива во Унијата“.

– Го сменив името на земјата, а потоа победив на изборите. И тоа е затоа што граѓаните почнаа да веруваат во иднината. Кога го потпишав Договорот од Преспа со тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас во 2018 година, 85 отсто од граѓаните беа против. Ми се заканија, запалија пожар пред мојата куќа, имаше хаос во земјата и имаше протести и во Грција. Потоа победив на изборите. Тоа значи дека ако сериозно знаете дека правите нешто добро за земјата и граѓаните, тогаш треба да донесувате одлуки, иако населението не ги поддржува и не треба да се мисли на својата кариера, вели Заев во интервјуто за виенски Стандард.