Триесет и осум отсто од населението во Македонија е целосно вакцинирана, а 54.170 примиле трета доза.

Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, при направени 1.483 тестирања регистрирани се нови 172 случаи со Ковид-19, девет починати и 381 оздравен пациент. Активни се 8.331 случај од кои најголем број 3810 се во Скопје.

Заклучно со 13 ноември вкупно се вакцинирани 813.782 граѓани, ревакцинирани се 784.833, а трета доза примиле 54.170 граѓани. Во петокот и саботата аплицирани се вкупно 4.684 дози вакцини, од кои 1.133 се аплицирани како прва доза, 916 се ревакцинирани, а 2.635 граѓани примиле трета доза вакцина, соопшти Министерството за здравство.

Опфатот со вакцинација со една доза вакцина на полнолетната популација е 58 отсто, а со две дози опфатени се 47 отсто од граѓаните над 18 години. Педесет и шест отсто од граѓаните над 40 – годишна возраст, како што се посочува, се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.

Од почетокот на пандемијата, во земјава се дијагностицирани вкупно 209.449 заболени, оздравени се 193.781 пациент, а починати се 7.337 лица. Досега во земјата се направени вкупно 1.430.424 тестирања на Ковид-19.

Во регионот состојбата со Ковид-19 се влошува. Во некои земји од регионот се заоструваат мерките за заштита од Ковид-19. Во Црна Гора вчера стапија во сила нови епидемиолошки мерки со кои се забрануваат новогодишни прослави на отворено, свадби на отворено и во затворен простот, како и работа на ноќните клубови. Исто така, се ограничува и работното време на угостителските објекти до полноќ и забрането е организирање ученички екскурзии и излети, приватни прослави и родендени, а престој во куќи и станови се препорачува само за членови на исто семејство.

Владата на Црна Гора се уште ја разгледува можноста од 1 декември да воведе задолжително поседување Национален дигитален ковид-сертификат за целата јавна администрација – здравство, образование, полициска управа, армија, пренесува РТЦГ. Доколку бидат усвоени тие мерки, од 1 декември Националниот дигитален ковид-сертификат ќе биде неопходен и за влез во јавен превоз, трговски центри, спортски сали, деловни простории и бизнис објекти, во кои дејност вршат повеќе од три компании, односно претприемачи и објекти со површина над илјада метри квадратни, каде се врши малопродажба на непрехранбени производи.

Додека, пак, Австријците кои се невакцинирани против Ковид-19, меѓу кои и 12-годишни деца, од полноќ се во „локдаун“ врз основа на одлуката на австриската Влада донесена поради влошената епидемиолошка состојба. Австрискиот Парламент ги усвои соодветните правни акти, со кои може да се примени новата мерка. Согласно владината одлука, сите граѓани кои не се вакцинирани против коронавирусот од вчера се во строго „заклучување“. Лицата кои немаат валиден сертификат за вакцинација, потврда за прележан Ковид-19 не постара од 180 дена, веќе не можат да влезат во сите продавници.

Со воведувањето на правилата „2G“ невакцинираните веќе се оневозможени да влегуваат во угостителски, туристички, забавни и спортски објекти, но и во фризерски салони, козметички салони и слично. Отсега можат да одат само да купуваат намирници за секојдневна употреба, како производи и средства за хигиена. Сите невакцинирани лица можат да го напуштат домот само за да одат на работа, да посетат лекар, да одат во аптека, физички и психички да се опорават односно да пешачат, како и да им помогнат на други. Дополнително, невакцинираните лица имаат право да се сретнат само со едно лице од друго домаќинство. Тие можат да го напуштат сопствениот дом за да посетат црква, но и да одат на училиште или на факултет. Новата мерка се однесува на сите невакцинирани граѓани постари од 12 години, па ги опфаќа и децата кои се на возраст за вакцинација, а тоа се уште не го сториле. Лицата кои примиле само една доза од вакцината до другата ќе треба редовно да се тестираат за да бидат исклучени од овие мерки.