Во автобусот со македонска регистрација, според првичните информации, патувале 52 патници и возачот, изјави за БТВ директорот на Националната полиција на Бугарија Станимир Станев.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Стаев додаде дека македонскиот автобус синоќа во 21 часот влегол во Бугарија од граничниот премин „Капитан Андреево“. Тој патувал преку автопатот „Тракија“, а потоа преку автопатот „Струма“ до границата со Македонија во правец на граничниот премин Ѓуешево, од каде морал да ја напушти Бугарија. Според Стаев, се уште се работи на утврдување на причините за пожарот во автобусот.
Тој потврди дека загинале 45 македонски државјани, а 7 преживеале. Трагично е, додаде Стаев, што меѓу загинатите има и деца, дури и двајца близнаци. Преживеале две жени и двајца мажи кои се пренесени во болницата „Пирогов“ во Софија.
Засега ништо не може да се каже за причините, немало друг учесник во несреќата, а заштитните огради го чувале автобусот да не испадне од делницата. Случајот го истражува Националната истражна служба поради големиот број жртви. Утврден е идентитетот на сите патници кои поминале гранична контрола при влез во Бугарија.
Седумнаесетгодишно девојче и шест возрасни лица се хоспитализирани во Софија
Во болницата Пирогов во Софија по несреќата со автобусот на автопатот Струма се примени 17-годишно девојче и шест возрасни лица, изјави за БТА д-р Маја Аргирова од Клиниката за изгореници при медицинската установа. Нема опасност по нивните животи.
Девојчето и петмина од возрасните се на Клиниката за изгореници, а еден е упатен на Клиниката за трауматологија. На сите им се прават дополнителни прегледи во болницата.
Несреќата се случи на магистралниот пат Струма нешто по 02.00 часот, кај селото Боснек. Автобусот со макеоднски таблици сообраќал во правец на Република Северна Македонија. Возилото во Бугарија влегло од Турција. Малку по полноќ автобусот застанал на бензинска пумпа во близина на Софија, по што продолжил. Несреќата се случила еден час подоцна.
Засега нема потврда дали автобусот прво излетал од патот, а потоа се запалил или најпрво настанал пожар нво возилото. Според првичните информации, причината поради која луѓето не можеле да се спасат е тоа што автобусот се превртел.
Автобусот се враќал од Истанбул, повеќето од загинатите се од Скопје
Пред болницата „Пригов“ во Софија, министерот за надворешни работи Бујар Османи за бугарските новинари рече дека запалениот автобус во кој имало 52 патници е на скопска агенција. Седум се деца. Се знае дека автобусот се враќал од Истанбул, Турција.
-Претпоставуваме дека повеќето патници се од Скопје. Автобусот се враќал од Истанбул, каде патниците биле на продолжен викенд. Кај на се одбележуваше Денот на албанската азбука, изјави Османи, кој веднаш замина да ги посети преживеаните.
Османи кажа дека заедно патувале четири автобуси, еден од нив се запалил. Од седуммината преживеани во болницата, петмина се мажи и две жени. Најмладиот пацинет има 17 години.
Заев, Османи и Филипче заминаа за Бугарија
Премиерот Зоран Заев за МИА поврди дека оди за Бугарија да ги посети преживеаните во автобуската несреќа што се случи ноќеска на автопатот „Струма“ во која според првичните информации животот го загубија најмалку 45 лица, а седум се повредени.
Со Заев за Бугарија заминаа и министерот за здравство Венко Филипче и шефот на дипломатијата Бујар Османи.
Заев информира дека во Бугарија се упатени и надлежни екипи од Северна Македонија. Тој изрази сочувство за загинатите во несреќата за која лично бил информиран од бугарскиот претседател Румен Радев и од премиерот Стефан Јанев.
На местото на несреќата, пак, како што јави БТА, се упатил бугарскиот премиер Јанев.
Во тек е истрага за автобуската несреќа на автопатот „Струма“
Во тек е истрага за тешката сообраќајка на автопатот Струма, изјави за новинарите премиерот Стефан Јанев кој е на местото на несреќата.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Јанев им изрази сочувство на семејствата на загинатите и ги повика истражителите да си ја завршат работата.
– Имаме огромна трагедија, немаме ништо добро да кажеме, трагедија која не потресе и бара државата брзо да реагира. Да ги оставиме истражните органи да си ја завршат работата, рече Јанев.
Тој информира дека во раните утрински часови се слушнал со премиерот на Република Северна Македонија Зоран Заев.
Заедно со бугарскиот премиер, на местото на несреќата е и министерот за внатрешни работи Бојко Рашков. Според Раков, сликата е ужасна. Сообраќале четири автобуси и најверојатно имало трансфери меѓу нив. Работиме на идентификација, додаде Рашков.
Заштитната ограда на автопатот е уништена од автобусот, а сосема е можно пожарот да настанал во контакт на автобусот со заштитната ограда, рече Рашков. Во моментов кон местото на несреќата патува тим од судски лекари за да го утврдат идентитетот на загинатите.