Пресудите за „Диво насеље“, „Монструм“, „Алфа“ (за убиството на полицаец од единицата „Алфа“ кај ПМФ во Скопје) и „Малиот Алмир“ се случаите за кои е назначено дека ќе има меѓународен мониторинг во договорот што го потпишаа лидерот на СДСМ и премиер во заминување, Зоран Заев и лидерот на Алтернатива Африм Гаши, потврди министерот за правда Бојан Маричиќ во синоќешното гостување на ТВ 21.
– Колку што знам, тие се случаите кои биле дискутирани и кои се ставени во договорот на лидерите на двете партии. Логично е што предизвикаа голем број реакции, и кога ќе влеземе во суштината ќе видиме дека со овој договор не може да се влијае на тие случаи. Нема јавноста простор за загриженост дека политичките фактори ќе се мешаат во исходот или одлуките, рече Маричиќ.
Тој напомена дека веќе побарале од ЕУ да прави некој вид мониторинг, што почнал летово и 20 такви случаи биле набљудувани.