Македонската фудбалска репрезентација натпреварувањето во групата 4 од Ц – дивизијата во Лигата на нации ќе го отвори на гостински терен против Бугарија на 2 јуни, објавија денеска Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и Европската фудбалска асоцијација (УЕФА).
По воведниот натпревар, македонските фудбалери во јунскиот циклус ги очекува уште еден натпревар на гостински терен против Гибралтар, на 5 јуни, по што следуваат домашните натпревари против Грузија (9 јуни), и реваншот против Гибралтар три денови подоцна.
Третото учество во Лигата на нации избраниците на селекторот Благоја Милевски ќе го заокружат со гостување во Грузија, на 23 септември и дуелот против Бугарија на домашен терен, на 26 септември.
Првопласираната репрезентација во групата ќе обезбеди промоција во Б-дивизијата во Лигата на нации за следната сезона.