Денеска ординациите на матичните лекари беа повторно отворени само за итните пациенти. Во знак на протест на овој начин го искажуваат своето незадоволство за долгогодишните проблеми во примарното здравство.
Минатиот протест траеше само неколку часа, а заврши во ветување дека ќе бидат исполнети голем дел од нивните барања од страна на здравствените власти. Но од преговорите немало никаков резултат, па на овој начин со примање само приоритетни пациенти, ги повторија нивните барања: укинување на казнената политика, покачување на капацитетниот бод, измена на законските решеннија пациентите да не се водат на име на лекарот, туку на приватната здравствена установа, за во случај кога ќе се пензионира матичниот лекар, да не останат без доктор, но и хронично болните да не мора да одат на специјалист за редовна терапија.
Барањата на матичните лекари се издржани, а на најголем дел од нив ќе се најде решение уверува заменик министерот за здравство, Владимир Рендевски. Најголем дел од работните групи се веќе формирани да се одговори на барањата на лекарите.
Матичните лекари ќе протестираат само денеска, а не до исполнување на нивните барања, бидејќи сакаат да им остават простор на здравствените власти да формираат работни групи со кои би се решиле нивните проблеми.