Европската комисија денеска порача дека Србија треба постепено да се усогласи со одлуките на ЕУ во областа на надворешната политика, вклучително и Русија, јави дописничката на МИА од Брисел.
Србија засега иако ја поддржа резолуцијата иницирана од ЕУ во Обединетите Нации за осуда на руската инвазија на Украина, одбива да изрече санкции против Русија како останатите земји членки и земји кандидати на ЕУ. Белград исто така е единствена земја во Европа која не забрани летови со Русија, што предизвика загриженост дека со ова му олеснува на Кремљ да ги заобиколи санкциите.
Поради оваа позиција на Србија во текот на викендот низа европратеници изјавија дека испратиле писмо до Европската комисија да го замрзне процесот на преговори со Белград додека не се усогласи земјата со надворешната политика на ЕУ.
Европската комисија денеска изјави дека не може да потврди дека го добила ова писмо формално, кое кружи на социјалните медиуми.
-Не сум во позиција да потврдам дека сме го добиле ова писмо. Имавме многу прилики да објасниме дека се очекува од земјите кандидати да се усогласат со позициите на ЕУ во областа на надворешната и безбедносната политика, тука сме сега, ЕУ презема силни мерки поради ова брутално прекршување на меѓународното право и Србија се очекува да се усогласи, изјави денеска Ана Писонеро, портпаролка за проширување во Европската комисија.
Во однос на летовите Белград-Моска, Писонеро изјави дека Комисијата набљудува што се случува, но нема да коментира.