Украинскиот претседател Володимир Зеленски во синоќешното обраќање рече, меѓу другото, дека Израел прави напори да посредува меѓу Украина и Русија и дека во таа земја може да се одржат идни мировни преговори на високо ниво.

– Израелскиот премиер Нафтали Бенет се обидува да најде начин да води преговори, рече Зеленски.

Украинскиот претседател притоа додаде:

– Благодарни сме за овој напор. Порано или подоцна ќе треба да започнеме преговори со Русија, можеби во Ерусалим. Тоа е вистинското место да се најде мир, ако е можно, рече Зеленски.

Исто така, во истата порака што ја објави на својот Фејсбук профил, тој вели дека „поминаа 25 дена откако руската армија ги бара и не може да ги најде „нацистите“ што ги измислија, од кои наводно сакале да го заштитат нашиот народ.

– Додека бараат, не можат да најдат Украинци кои би ги пречекале со цвеќе. И што е најважно – руската армија не може да го најде патот до дома. Затоа нашите војници им помагаат на патот кон Божјиот двор, рече Зеленски.

Русија и Украина ги продолжуваат мировните преговори

Се очекува денеска да се сретнат делегациите на Украина и Русија на нова рунда преговори, јави ДПА. Двата преговарачки тима сакаат дискусиите, што ќе се водат преку видео врска, да започнат утрово. Според Михаило Подолјак, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски „работните групи од двете страни работат интензивно“.

Последните украинско-руски разговори на високо ниво се одржаа во понеделникот, јави ДПА.

Подолјак предвидува дека разговорите за ставање крај на војната ќе продолжат уште неколку недели. Позицијата на руските преговарачи стана „поразумна“ и пореална, истакна тој, без да даде детали.

Русија сака Украина да остане неутрална земја и да се демилитаризира, како и да ги признае сепаратистичките региони во нејзиниот источен дел како независни држави. Киев е подготвен на компромис за барањето за неутралност, но инсистира на силни гаранции од Западот за неговата безбедност. Сепак, украинските власти одбиваат да отстапат по прашањето за територијалниот интегритет на земјата, наведува ДПА.

Украинскиот претседател Зеленски инсистира на средба со неговиот руски колега Владимир Путин. Засега Кремљ одбива да ја разгледа таа опција.