На Меѓународниот аеродром Скопје, утринава во 5 часот и 48 минути, со воден мост во форма на виножито, ТАВ Македонија го пречека првиот лет од Софија на бугарската авиокомпанија „Гуливер“.
Со авион од типот ATR 72 – 600 , којшто може да превезе 70 патници, авиокомпанијата го имаше својот прв редовен лет на Меѓународниот аеродром Скопје, означувајќи го почетокот на нивното официјално комерцијално работење на македонскиот пазар.
И во минатото имаше обид за редовна авио-линија меѓу главните градови на Република Македонија и Република Бугарија, која беше прекината потади економска неисплативост, а ова е уште еден обид да заживее ова поврзување во напорите на двете актуелни влади и премиерите за наоѓање решение на патот кон ЕУ и блокадата што на нашата земја е поставена од бугарска страна.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски утрово ги пречека патниците кои пристигнаа со првиот комерцијален лет на релација Софија – Скопје, со што започна да се реализира редовната авиолинија Софија – Скопје што произлезе од договорот меѓу мешовитите владини комисии на двете земји.
-Ме радува што во многу брзо време најдовме согласност и заеднички со Република Бугарија ја воспоставивме оваа линија. Работите се движат во посакуваниот правец и веќе ги гледаме резултатите од работењето на мешовитите групи со колегите од Бугарија. Летот Софија – Скопје од денеска почнува да сообраќа и првите патници веќе пристигнаа во Скопје. Им посакувам добредојде во нашата држава и испраќам порака дека нашата земја има што да понуди во делот на туризмот. Остануваме посветени со нашите пријатели и во наредниот период во изнаѓање на решенија со кои ќе ги зацврстиме пријателските односи и кои ќе донесат економски бенефит за двете држави, изјави министерот Бочварски од аеродромот во Скопје.
Министерството за транспорт и врски, како што посочи Бочварски, продолжува со креирање политики за развој на авиосообраќајот во земјата и отворање на нови дестинации за нашите граѓани.
-Како ТАВ возбудени сме да го одбележиме и прославиме влезот на „Гуливер“ на македонскиот пазар, со денешниот лет на новата авиолинија од Софија до Скопје. Македонскиот главен град ќе биде поврзан со бугарскиот главен град, со авиолинија, два пати неделно, секоја сабота и секој понеделник, од денес, 26-ти март. Авиокомпанијата ќе сообраќа до Меѓународниот Аеродром Скопје првпат, па така можеме да ја додадеме „Гуливер“ како нова авиокомпанија, а летовите на релација Софија-Скопје-Софија како нова авиолинија во портфолиото на Меѓународниот Аеродром Скопје и во портфолиото на македонскиот воздухопловен пазар воопшто, по подолг период. Среќни сме што авиокомпанијата почна да лета до и од скопскиот аеродром и покрај тековната криза со ковид-пандемијата. Авиолинијата Софија-Скопје-Софија сега ги поврзува двата главни града за само 30 минути. Веруваме дека оваа авиолинија има огромен потенцијал, како и за туристички,така и за деловни патувања. Бугарските и македонските патници може да сметаат дека оваа авиолинија е корисна за посета на главните градови на двете земји и во исто време тие можат да го продолжат своето патување до други подалечни дестинации во други странски земји. Оваа авиоконекција ќе придонесе не само за развојот на македонското воздухопловство, туку и за економската соработка меѓу двете земји, изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак.
Од ТАВ Македонија во денешното соопштение истакнуваат дека оваа нова авиолинија ќе овозможи на патниците и од Македонија и од Бугарија да уживаат и да ги откријат убавините на двата града – живописните градски паркови на Софија или центарот на градот, или богатите културни знаменитости на Скопје и шармантните природни локалитети.
-Авиокомпанијата „Гуливер“ е среќна да го најави воведувањето на нов редовен лет меѓу Софија и Скопје. Портфолиото на редовни летови на „Гуливер“ сега се зголемува до 3 нови авиолинии (Бургас, Скопје, Тирана), додека во средината на летото очекуваме да ги претставиме нашите нови редовни прекуокеански летови до Њујорк и Њу Делхи. Ова ќе им овозможи на граѓаните на Северна Македонија и нивните гости да истражуваат нови дестинации кои се достапни само со лет од 30 минути до Софија и поврзување со Црното Море – или до аеродромот во Бургас. Летовите на релација Софија-Скопје ќе летаат два пати неделно, или понеделник и сабота, со авион со 70 седишта во економска класа. Летот ќе трае само 30 минути, со што се создава погодна врска меѓу двата главни града, на кои во последните 15 години им недостигаше директна воздушна линија. Придобивките од овие летови ќе бидат суштински за нашите луѓе и ќе придонесат за зајакнување на добрите односи меѓу нас. Веруваме и очекуваме плодна соработка со ТАВ Македонија и скопскиот аеродром. Посебна благодарност до министрите за транспорт и на С. Македонија и Република Бугарија, изјави извршниот директор на „Гуливер“, Георги Колев.
Резервациите и продажбата на авиобилети се достапни на веб-страницата на „Гуливер“ https://gullivair.com/ Летовите се закажани од денеска, 26.03.2022 година, секоја сабота и понеделник.
Од ТАВ Македонија посочуваат дека првите два месеца од 2022 година (јануари и февруари) ги заврши со вкупно 215.227 патници, на двата македонски аеродрома, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, што претставува 107 отсто пораст споредено со истиот период во 2021 година, додека споредено со 2019 година, којашто се смета за референтна година за воздухопловството, има пад од 29 проценти.