Синдикатот е задоволен од реализацијата на генералниот штрајк уште првиот ден. Првиот човек Јаким Неделков соопшти дека во штрајкот се вклучени сите градинки, основни и средни училишта, со мали исклучоци во некои градинки каде, како што рече, директорите се обиделе да го прекинат штрајкот и да ги вратат вработените на работните активности. Штрајкот ќе биде активен сè додека не се исполнат барањата на СОНК.

Сериозни притисоци за прекин на штрајкот имало во градинки во Валандово и Гевгелија и во градинката „Орце Николов“ во Карпош, но штрајкот на СОНК продолжува и утре, најави денеска на прес-конференција раководството на Синдикатот.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, вели дека членови на синдикатот вработени во градинките пријавиле оти им бил вршен притисок да го прекинат штрајкот. Тој најави дека ќе поднесат и кривични пријави онаму каде што имало сериозни притисоци.

Никој не се поколебал, штрајкот трае секаде. Имаме и документација од една градинка во Битола, каде се бараат списоци и други активности кои се во спротивност со правилата за штрајкување, па постои основа за кривична пријава. Ние не би сакале кон ниту еден директор или некој од надвор кој врши притисок да поднесуваме кривични пријави, но во 21 век нема да дозволиме на некој да му се крати правото на изразување на протест поради незадоволство“, рече претседателот на СОНК Јаким Неделков.

Тој очекува во текот на утрешниот ден да седнат на маса со надлежните и да најдат заедничко решение, а подготвен е и денеска да оди на разговори, за кои се надева дека ќе вродат со плод.

Најави дека штрајкот продолжува и утре. Појасни дека ни едно дете не е оставено незгрижено. Дека во градинките се носат повеќе деца, а во училиштето, мал е бројот на оние кои дошле, но сите се примени и згрижени.

Министерот за образование Јетон Шаќири рече дека го почитува синдикалното право на штрајк, но според него, генералниот штрајк треба да биде последниот чекор за решавање на прашањето за платите.

„На крајот оние кои страдаат во овие моменти се учениците. Барам во следниот период, денеска, утре, среда повторно да разговараме со СОНК за да се дојде до конечно решение. Ќе бидеме во комуникација, прво ќе треба да решиме да го прекинеме штрајкот, тогаш директорите на училиштата знаат со кои наставници учениците губеле, знаат кои часови се изгубени и најдобро ќе се справат со нив“, изјави Јетон Шаќири, министер за образование и наука

Министерството за труд и социјална политика соопшти дека од вкупно 75 јавни установи за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст, штрајк има во 54, а во 21 не. Според министерството, општата состојба на терен потврдува дека институциите и вработените го почитуваат Законот за заштита на децата и вршат згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст и обезбедуваат непречено одвивање на дејноста во остварувањето на правото на штрајк.