Градоначалничката на Битола Наташа Петровска попладнево имаше средба со ученици кои протестираа пред Општина Битола поради проблеми со бесплатниот ученични превоз во јавниот сообраќај во овој град.
Секторот за односи со јавност на Општина Битола информираше дека група ученици протестирале за состојбите со бесплатниот превоз во градот, за што добиле појаснување од градоначалничката Петровска.
– Градоначалничката на општина Битола ги покани учениците во општината, им ја објасни актуелната состојба со превозниците, законските измени и новите правила за користење на линискиот превоз од страна на учениците во местата каде што го има. На средбата таа им ги објасни и тековните и наследени проблеми од изминатите години со коишто се соочува Општина Битола и ги повика на трпение, до конечното решавање на проблемот, кое следува за краток период. Петровска и пред нив уште еднаш го повтори ставот дека Општината нема намера да штити нечии лични интереси на штета на образованието. Таа посочи дека досега не е направено повеќе во однос на санирање на тоалетите, таблите, прозорците, а ниту во нагледните средства за работа, се наведува во соопштението на локалната самоуправа.
На средбата во кабинетот на градоначалничката учествувале директори на дел од училиштата, се нагласува во соопштението од Општина Битола.